Португалија и Шпанија низ иглени уши до осминафиналето на СП

Европскиот шампион Португалија и поранешниот светски првак Шпанија во буквална смисла на зборот се провлекоа меѓу 16 најдобри селекции на фудбалскиот мундијал во Русија, откако двата соседа се спасија од пораз во последното коло од групата Б.

Португалците ремизираа 1:1 со Иран во натпревар во кој често се користеше видео технологијата, која на Иранците им додели пенал во 93. минута што го реализира Карим Ансарифард, а потоа имаа и идеална шанса за гол, со кој тие ќе беа осминафиналисти!

А пред лудиот финиш сè изгледаше дека Португалија ништо не може да ја запре, бидејќи водеше цел меч со погодокот на Рикардо Кварешма од истекот на првото полувреме, а во почетокот на второто Кристијано Роналдо можеше да стави точка од пенал. Но, најдобриот светски фудбалер за минатата година не само што не погоди (Алиреза Беиранванд му одбрани), туку седум минути пред крајот куртули од црвен картон, откако ВАР покажа дека намерно удри противнички играч, но судијата Енрике Касерес му покажа само жолт.

Шпанците, пак, спасија жива глава благодарение на прегледувањето на снимката, од која излезе дека Јаго Аспас не бил во офсајд неколку сантиметри кога израмни во судиското продолжение! А претходно два пати беа во нокдаун по головите на Халид Бутаиб во првиот дел и на Јусеф ел Незири во 81. минута, при што првата резултатска негатива ја анулира Иско.

Ваквиот епилог ја остави Шпанија на врвот на табелата со пет бода, колку што има и Португалија, еден повеќе од Иран, а Мароко заврши со еден. На тој начин Шпанците во осминафиналето за противник го добија домаќинот Русија, а Португалците ќе играат со Уругвај.

Уругвајците ги спуштија на земја Русите, декласирајќи ги со 3:0 со голот на Луис Суарез, автоголот на Денис Черишев и погодокот на Единсон Кавани, за максимални 9 бода во групата А.

Во средбата за престиж Саудиска Арабија со пресврт славеше со 2:1 над Египет, кој поведе преку Мохамед Салах, а прво Фахад ал Мувалад промаши пенал, па израмни Салман ал Фараж, за триумф на Арапите да им донесе Салем ал Давсари во 95. минута.

 

Оставете Коментар