Последен поздрав од Дурловски до Петрушевски: Чувај се и чувај нè!

Меѓу огромниот број пораки на сочувство за смртта на актерот Ванчо Петрушевски од негови колеги актери, од државниот врв, од пријатели, од знајни и незнајни обожаватели, се издвојува последниот поздрав од оперскиот пејач Игор Дурловски.

„Почивај во мир пријателе, глумчиште Иван Петрушевски. Чувај се, и чувај нè!“, напиша тој на својот профил на „Фејсбук“ за еден од говорниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ во повеќе наврати за време на протестите против Тиранската платформа во првата половина од минатата година.

Дел од другите реакции за смртта на великанот на македонското глумиште:

„Само нова сцена, пријателе, само нова сцена…“ – Борис Дамовски.

„Човек, пријател, дух и сила. Македонец. Почивај во мир“ – Виолета Ачкоска.

„Кога ќе си отиде глумец од моето детство, како да си оди и дел од мене. Дел од она кон кое сум се стремел. На кое сум завидувал и бескрајно го почитувал. Ванчо беше баш таков. Но, кога ќе си отиде глумец, знаеш дека неговите одиграни улоги ќе останат за навек… нека Ти е лесен патот кон светлината Ванчо…“ – Рубенс Муратовски.

„Ванчо, ти беше опасен шмекер и опасно голем глумец… тажен ден за Македонија. Бескраен аплауз“ – Весна Бејби Петрушевска.

„Во спомен на Ванчо Петрушевски. Голем актер, редок човек и посветен колега и пријател. Благодарност за сите негови улоги со кои пораснавме, но и за сите претстави што заедно ги споделивме на сцената. Ќе недостасуваат неговата искеран насмевка, ведар дух, неверојатен хумор и вечен оптимизам! Нека му е светол патот кон вечноста и нека му се вечни славата и сеќавањето кај многу идни генерации Македонци!“ – Васил Зафирчев.