Последна шанса за името!

Откако (најверојатно) отпадна предлогот „Илинденска Македонија“, извори велат дека двете страни сега разговараат за име, надвор од четирите предложени од посредникот на ОН, Метју Нимиц, пишува атински „Катимерини“.

Весникот потсетува дека Грција инсистира на тоа дека секое договорено име да биде за севкупна употреба erga omnes, и дека „ПЈРМ ќе мора да го ослободи својот устав од она што може да се толкува како иредентизам“.

Аналитичари, според весникот,  велат дека ако нема договор до самитот во јуни, кој се очекува да го отвори патот за почеток на разговорите за пристап во ЕУ за Скопје, тогаш преговорите ќе западнат во ќор-сокак.

„Тоа би значело дека Заев нема да може да ја искористи можноста за пристапување во ЕУ како морков за да свика референдум за ново име и да добие доволно гласови во скопскиот парламент за да го ревидира Уставот на БЈРМ“.

Од друга страна,  Ципрас најверојатно ќе се соочи со изборна кампања. Дури и ако не се одлучи за предвремени избори оваа година, земјата ќе влезе во предизборен период поради  изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година.