Постапка против Бушати во Албанија за навреда на Македонците

Loading...

Македонците во Албанија ја добија правната битка пред Управниот суд во Тирана, кој го прифати нивното барање за поништување на одлуката на комесарот за заштита од дискриминација, наложувајќи му да ја разгледа нивната жалба против министерот за надворешни работи Дитмир Бушати за користењето на терминот „Славомакедонци“.

Македонското друштво „Сонце“ бара јавно извинување од шефот на албанската дипломатија за навреда на Македонците со тоа што во емисија на телевизијата Топ ченел на 9 јануари 2017 година, зборувајќи за состојбите во Македонија, нејзиниот мнозински народ го именувал „Славомакедонци“.

По цели 13 месеци од поднесувањето на жалбата, комесарот за заштита од дискриминација ја одбил со образложение дека подносителот Васил Стерјовски, претседател на МД „Сонце“, не доставил документ за идентификација. Тој пред Управниот суд докажал дека го доставил бараниот документ и оти комесарот го прекршил Законот со тоа што не донел одлука во рок од 90 дена по приемот на жалбата.