Постот што сè уште изнудува солзи

Велешкиот поет и писател Димитри Соле Љубин пред 4 години напиша емотивен текст за неговата семејна историја која почнува околу 1884 година.

И ден денес неговото писание изнудува солзи кај тие што во текстот се препознаваат себе си и своите семејни истории.

Димитри Соле Љубин
Напишано во 2014 година

Од луксузот на Сани Резорт, денес Ве враќам во БЕДАТА ГОЛЕМА МАКЕДОНСКА! ВО ВОЈНИЦА! Војница е ридско село и лежи на надморска височина од 300 метри. Од Велес е оддалечено 17км. и може да се стигне само со автомобил по пат кој си го асфалтираа самите селани. Е во таа Војница, пред околу 130 години се родила прабаба ми Магдалена, се омажила за Јован и ја родила Ратка, Јован починал и се омажила за Петре кој дошол со три ќерки Стефка, Велика и Коца, а Магда му ги родила Румена, Марика, Елена и дедо ми Тодор Мирчевски. Кога Магда почина, јас имав 13, а таа, според едни документи 96, според други !00 и кусур. АМА 8 ДЕЦА ИЗГЛЕДАЛА, ОД КОИ ТРИ НЕРОДЕНИ ОД НЕЈЗЕ! СИТЕ НА ИСТА ТРПЕЗА! И поминала Магда и турско, и бугарско, и српско, и прва и втора светска војна, ама кога ќе појдев кај нејзе на гости, таа како дама, со златните обетки на нејзе, и со сплетени коси како ФРИДА КАЛО, чиста и дотерана, во кревет железен ко француска дама, се ЗНАЕШЕ РЕДОТ! ПРВО ТРОПАШ НА ВРАТА, ПОТОА БАКНУВАШ РАКА, ЗАСТАНУВАШ ПРЕД КРЕВЕТ, РЕЦИТИРАШ ЕДНА ПЕСНА, А ТАА ОД ДРВЕНИОТ КОВЧЕГ ВАДИ БИСКВИТА ИЛИ 10 ДИНАРИ, ТИ ПОДАВА, ПАК БАКНУВАШ РАКА, И СИ ИЗЛЕГУВАШ! ПРАВА ДАМА! А од дедо ми Тодор, е од него НАУЧИВ СЕ ВО СВОЈОТ ЖИВОТ! Кога тој се доселил во Велес и ја оженил баба ми Нада, од Војница дошле со магаре! Мајка ми Дивна била родена и си седела таму со Магда. А дедо ми и баба ми, под кирија, на рака правеле тули од плитар, ги печеле, и дење правеле куќа, а ноќе некогаш и со кокошките спиеле! Ама дедо ми Тодор УЧЕЛ и завршил Виша агрономска во Тетово, и станал подоцна шеф/директор на Македонија Табак! Е тогаш, кога тешкото поминало, Тодор во костум и со првата Шкода во Велес, одел по селата и ѝм давал ум на земјоделците како и што треба да работат! Спиел и по полиња, ама бил и во Венеција, и во Москва! И НИКОГАШ НЕ СИ ЈА ЗАБОРАВИЛ КАЛТА НА ОПИНЦИТЕ ОД КАДЕ ТРГНАЛ! ИАКО ДЕНЕС СЕ УШТЕ ИМА 20 КОСТУМИ, НЕ ЗНАМ КОЛКУ КРАВАТИ И КОШУЛИ! И по дома, иако е одамна пензиониран, си седи по кошула! Тој ме научи КАКО МИРИСА ЗЕМЈАТА НА ВОЈНИЦА, КОИ ОБЛАЦИ НОСАТ ДОЖД А КОИ ТАГА, КАКО РАСТЕ КРУШАТА И КАКО СЕ КАЛЕМИ ЦРЕШАТА, КОГА ЗАЈАКОТ ЌЕ СТАНЕ А КОГА СЕ КРИЕ, КАКО СЕ ЧИТА НОВА МАКЕДОНИЈА СЕКОЕ УТРО ЗА ЧОВЕК ДА ОСТАНЕ ПИСМЕН И КОЕ ЦВЕЌЕ КОЛКУ ЗЕМЈА САКА! И КАКО СЕ САКА И ПОЧИТУВА ФАМИЛИЈАТА! И ПОБРАТИМОТ! И ЖЕНАТА!
А за Војница, таму во 1961 год. по попис имало 320 жители, во 2002 – 32, денес, едвај 10ина. АМА ЈАС СЕКОГАШ СЕ ВРАЌАМ, ТАМУ ВО КАЛТА, да отидам на св. Петка или св. Атанасие, да однесам гости, или да помирувам, ДА ПОПЛАЧАМ И ЗА БЕДАТА, И ЗА РАДОСТА! Да седам на Кооперација и да пијам вино и ракија, со посебна салама и вегета на едно трупче, да наполнам вода на чешма, да ја видам куќата на Коле Неделковски кој таму се родил и школувал И ПАК ДА СИ ПОПЛАЧАМ, КАКО ШТО ПЛАЧАМ ДОДЕКА СЕТО ОВА ВИ ГО РАСКАЖУВАМ!
И ДА НЕ ЗАБОРАВАМ, НИКОГАШ ДА НЕ ЗАБОРАВАМ, ДЕКА ПРЕД И ПОСЛЕ ИТАЛИЈАНСКИТЕ ЧЕВЛИ, НЕКОЈ ИМАЛ ОПИНЦИ!
п.с. ЕДЕН ДЕН, АКО БИДАМ ЖИВ И ЗДРАВ, И СПЕЧАЛАМ ДОВОЛНО, ВЕТУВАМ ЈАВНО ДЕКА ЌЕ КУПАМ КУЌА ВО ВОЈНИЦА И СИТЕ ЌЕ ВЕ ПРЕЧЕКАМ!
Ви посакувам пријатен викенд и удобна фотеља! 😉