Потресно писмо за стравот, срамот и премрежињата на “Егејците”

Loading...

Писмото што македонистката Јачева – Улчар го испрати јавно до Македонката со потекло од Егејска Македонија, писателката Кица Колбе повторно ја отвори темата за (не)прифаќањето на “Егејците” во СРМ односно Вардарска Македонија.

Професорката Јачева Улчар на потресен и сликовит начин потсетува на предрасудите и маките со кои се соочиле Македонците кои избегале од граѓанската војна во Грција и директно или преку некоја од комунистичките земји дошле да живеат во земјава.

Елка Јачева Улчар до Kica Kolbe,
10 мај 2018 година

Кица мила, „ко јазолче ми се врза душата“ – вели Капинка во Пиреј кај П. М. Андреевски. Така и мене додека го читав Твојот роман. Ме врати назад во детството. Во нашето гето. Во жаба зграда. На ул.„Народен фронт“ бр. 3. Во Велес. Ликовите се тие.

А тагата универзална.

Имам толку работи да Ти кажам по прочитот на Твојот роман, па затоа решив да Ти срочам едно подолго писмо (напишано во стилот на твојот роман), за да Ти кажам на кои Твои места најмногу беше допрено моето место.

Најпрво да Ти се заблагодарам за честа што ми ја укажа (која, за волја на вистината, сама си ја побарав) да го лекторирам Твојот најнов роман.

Иако Те запознав на фејсбук. Иако до ден-денес немаме скршено ниту еден збор во живо (Искрено речено, од средбата по малку се плашам – што ако Те разочарам?).

Како и да е, јас Те чувствувам многу блиска. По само неколку разменети долги пораки од кои блика мудрост. Мислев на Твоите! Таа блискост ја почувствував уште тогаш кога го прочитав Твојот прв роман. „Егејците“. А уште повеќе се зацврсти со последниов „Земја на бегалци“. Првиот, според мене, е повеќе документаристички.

Последниов, јас го нареков роман на на чувствителноста. И на чувствата. На Срамот и на Стравот! Предадени во совршената харомонија на стандардниот македонски и на југозападниот дијалектен македонски говор.

„Го гледаа тие човекот збунети, замолкнати од СТРАВ и СРАМ“ – вели раскажувачката Фросе Аврамова во Твојот роман. Кога ги опишува своите родители во мигот кога се исправа пред нив воденецот Митко. Голем колку СПАС. Пред нив тројцата: Мајка ѝ, Татко ѝ и Дрвениот Шифоњер. Кој во тој контекст е живо битие. Рамно на Човек.

СРАМ

Кица мила, не знам дали некој што не е од бегалците може да го разбере СРАМОТ. И да го доживее тој СРАМ. Што го чувствува Фросе. Чупката. Што го чувствуваат нејзините роднини. Срам што се проектира и во следните генерации. Тукашни. А со семе бегалско.

– Егејко една! Гуменоглавка! Да си одиш таму од каде што си дошла! – ми врекаше на уво мојот школски другар З.В., додека со наведната глава седев во клупата во прво одделение. Со рацете на ушите. И плачев. И чувствував СРАМ. Иако не знаев зошто?

Во зградата во којашто се родив и израснав сите беа Егејци. И тоа таму не беше срамно. Ни страшно. Кога тргнав на училиште, веќе стана и срамно и страшно. Срамно зашто нашите баби не зборуваа на јазикот на велешките баби. Нашите баби беа забрадени со црни шамии. Не им се гледаше ни влакно од косата.

Велешките имаа фризури. Нашите баби беа збрчкани. Со бледи усни. И со многу тага во нивните очи. Велешките – со розеникаво-портокалов кармин. И со шарени фустани. И со ниски сандали. Најчесто со бело кафе боја.

Бабите од нашата зграда – од глава до петици во црно. Со црни прегачи над црните фустани: пресечени во половината и копчиња од вратот до папокот. На нозете носеа влечАлки. Се разбира – црни. Околу скај, над предниот дел од стапалото – сомот. И тој црн. Ама по малку светкав. Се сетив како да се одбрнам од нападот на З.В. За да го омекнам срамот од Егејството.

– Ама, мама не е Егејка. Мама е ВардАрка. (Така ја претставуваше баба ми Теоница мајка ми: „Постарта нивеста, Пена, е наша од Саракинуву, а ва помалта е ВардАрка. ТукАшна’ј“ – го кажуваше тоа со особена гордост во гласот).

– Не се важи тоа – продолжуваше школскиот. – По татко се рачУна! (Многу години подоцна разбрав дека З.В. на своите дома им рекол дека сум му симпатија, а тие му рекле: Од толку Македонки, ти Егејка, гуменоглавка најде?)

Срам од немаштија. Од немање имот. Од немање ниедна фотографија од нивниот живот. „Там долу“ – како што велеше баба ми. (Првата фотографија што ја имаат Јачеви е направена кон средината на педесеттите години. Во Југославија. Откога со помош на Црвениот крст дедо ми се вратил меѓу своите).

Срам од приказната на баба ми дека кога влегле н`тре (во Републиката) – проселе. Во Браилово.
Срам од унакажаното лице на дедо ми Ѓорги. Со дупка во челото од куршум. И закрпени образи. Пак од куршум што му просвирел од левиот образ. Па му го пресекол јазикот и му избил на десниот.

Срам од нивниот живот во подрум. Во велешките Долни Дуќани.

Срам од потсмевот на една наконтена госпоѓа, вработена во велешката банка, која учела со татко ми: – Тешка сиромаштија беа татко ти. Живееја во подрум. Со уште едни други Егејци. Учеа надвор на светлото од бандера. И секогаш мислеа дека се обесправени, кога немаше да добијат петка…

Срам од тоа што Егејците не се како другите. Переле и готвеле на улица. Им го поселанчиле градот на велеграѓаните. Така велеа велеграѓаните. За Егејците!

Срам од тоа дека Егејците се узурпатори. Сѐ добиле од државата. Од Тито. И станови, и куќи, и работа… А ништо од тоа не заслужиле. „Простаци – неписмени и немиени.“

Срам од тоа дека Егејците се профитери од бегалството. И од Граѓанската војна во Грција. „Па само Егејците ли ги стрефило војна?“, „Само нив ли да ги жалиме?“, „А на баба ми и дедо ми што им го одзеле целиот имот?“ „Цели кариери направија од нивната „кобајаги“трагедија!“

СТРАВ

Страв од кавга. „Секоја посета завршуваше со судење. Со фасарија. Така велеа Фросините роднини за кавга“. Мојата баба за кавга велеше „расправИја“. Едно сведоштво на Фросе за една нивна фамилијарна фасарија во која главниот збор го има најстариот син, кој во воденскиот говор се именува со „чичи“, ми извади од меморијата една случка од моето најрано детство.

Во кујната кај дедо ми Ѓорги во жаба зграда. Беа собрани сите: баба ми, дедо ми, чичко ми, татко ми, тетка ми и од децата само јас, мислам… Памтам дека сите нешто страшно цркаа. Ама не памтам за што. Татко ми, иако помал од чичи (чичко ми Мици), вообичаено, беше најгласен.

Рипна дедо ми, фати едно зелено стаклено шише „Књаз Милош“ и го тресна од масата. Тапата со штипка летна, а пола вода се разлеа по белиот чаршаф на масата (јас бев висока толку – до масата) и само таа слика ја памтам и гласот на дедо ми: – С`те ќе чинувте така как ви кажува Мици (чичко ми)! РазбрАте ли?

Страв од Војна. Од таа голема несреќа што ја снашла баба ми во Долно Родево (Кату Курифи, по грчки). Сама со три деца: 15/16-годишниот Мици, петгодишниот Ичко и 9-месечното бебе Слава. Тетка ми Риса веќе била закопана на родивските гробишта. Имала 8 години. Добила плеврит. Што не направила баба ми да ја спаси. СЕ што чула презела. Дури и постела од вжарени костени на која ја легнале Риска. Да ја извлечат болеста од неа. Ама залудно!

Дедо ми Ѓорги бил заминат во партизани. Чичко ми веќе момче, таман стасано да го собере грчката војска. И синот да се бори против таткото. Попладнето пред нивното заминување, како што кажуваше баба ми, „ДујдЕ грчкиот аскер. С`те бија на којни качЕни. Един у р`кта имше сабја. На сабјата глAвта на таткуту на Ница (од третиут спрат, а знајш, нели? – дообјаснува баба ми). Да на оплAшат. И ни ричеа по грцки: – Нa с`те м`жи шо са у партизани, такА ќе ви `и донцме глAјвте! ПресичЕни!“

Баба ми, тогаш, и нејзината другарка – баба Гица Маџунова решаваат – „Нојќта да а минат границта“. Чичко ми го преправа во девојка. Ја пресекува својата плетенка и ја врзува на косата од чичко ми. Му става шамија на главата и тргнуваат.

„Јаска, децта, Гица со нејните и една бовча у р`јцте. У бовчта имакне пу иднА ублЕка. Толку. Да имме за прумЕна. На м`ка гулема бикме, Елче! – раскажуваше мојата баба Теоница. „Слава бише бебе. Ќе сa измоча, ќе са исере. Јаска ќе и `а прумEнам пилEнта. Само шо сум ја убличEла у чисто, она па! Нема шо да чинам, ќе ја расублечам и гола у мојте пазуви ќи-а-кладам! И она ма моча у фустанут. Па ќе најме некуја река и т`кA у та студента вода ќе са избјнам, ќе са исперам…

Страв од тоа како ќе бидеш прифатен во средина на неегејци. Фросе Аврамова во Твојот роман, Кица, го слуша следниов разговор кај соседите неегејци:„ Ете, затоа не ја давам за жива глава Петранка моја за тој Мичо Егеецот. Нека вика, нека цика Петрето колку што сака. Поарно сега да плаче, отколку после да си удира глава што се омажила во бегалци. Егејци!“

И еден мој дечко се плашеше како ќе им каже на родителите дека девојката му е Егејка.
Еден професор (со висока функција на Филолошкиот), непосредно по моето дипломирање (со речиси најдобар просек во генерацијата), ми рече дека најдобро место за мое вработување не е Филолошкиот факултет, туку во Институтот за старословенска култура.

Всушност, не кажа Институтот за старословенска култура. Рече: – Во егејското гето! (Го нарече така овој Институт зашто во него беа вработени двајца Егејци, доктори на науки. Сосема доволно за гето, зар не?) Така и се случи. Првото мое вработување беше таму. Во т.н. „егејско гето“!

Уште многу имам за раскажување, Кица мила! Ама се надевам ќе Те видам. В сабота. Кога ќе биде промоцијата на Твојот роман!
Брзам да Те гушнам!

1 Коментар

  1. Чедо Цветановски: Кица Колбе и во првото дело Егејци, и во романот „Снегот во Казабланка“ на македонската трагедија – ГОЛГОТАТА во 20 век – (протерувањето на Македонците од родните огништа во окупираниот дел на Македонија од Грција, како и од окупираниот дел од Албанија, особено во време на фашистичка и постфашистичка, комунистичка Голема Албанија), и’ придаде меѓународни димензии, но и современи цивилизациски иницијации. И повеќе: преку ликот на сопругата на сликарот П. Кле и особено со мирисот на собата и поченијат од баба и’, таа ги премости современите либерал-антропоцентрички, антиетнифилетистички и антитеистички европски мисловни текови и се доближи до вечните првославни христијански и македонистички цивилизациски визии. За овие нејзини потраги јас пишував во поговорот кон поетската збирка „Втор час по пеење и мислење“ од В. Купријанов, што го насловив: „Руските и македонските поети-мислители и етно-цивилизациското омеѓување на граѓанскиот хуманизам“ – наспрема предизвиците на демографско-миграциското цунами… Кица К. израсна во водечко прозно перо во македонската литература. И со душа го очекував нејзиниот најавен роман, во чија мисловна гама ги навести разговорите низ европските центри со рускиот првославен свештеник од руската екс-самостојна црква. Секако и овој роман, свртен кон внатре-македонските пизмења, не може да не биде интересен. Ќе го прочитам веднаш. И ќе се произнесам. И„ благодарам на колегата Јачева-Улчар за топлата препорака на романот.

Comments are closed.