Собранието заштеди на патни трошоци

Во текот на август Собранието ќе потроши половина од парите наменети за транспорт на пратениците. Само затоа што тие беа на колективен одмор.

По двонеделниот одмор македонските пратеници од понеделник започнуваат со работа во Собранието. Деновиве се очекува да бидат соопштени и информации кои пратеници и пратенички групи ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот, но и тоа дали Собранието, како овластен предлагач, со свои претставници ќе ја набљудува работата на изборните органи што ќе го спроведуваат референдумот на 30 септември.

За пратениците од власта е извесно дека ќе се вклучат во кампањата за референдумот бранејќи го ставот “За”. Опозицијата допрва ќе решава како ќе се постави.

Во понеделник на 20 август на собраниската веб-страна веќе е закажана седница на Комисија за економски прашања, а за 29 август, пак, 58. пленарна седница. До средината на неделата се очекува и првата координативна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи.

На последната средба со новинарите на 31 јули претседателот на Собранието Џафери кажа дека после одморите треба да се очекува, Собранието да ги избере членовите на неколку второстепени комисии кои останаа без своите први луѓе по нивното разрешување, но исто така да биде избран и директор на ОТА агенцијата што ќе го контролира прислушувањето.

Во септември се очекува да се финализираат измени на Деловникот на Собранието на Република Македонија на средба во рамки на Жан Моне процесот на која треба да присуствуваат и тројцата европратеници.