Пресудата за Груевски правосилна, експремиерот наскоро во затвор?!

Основен суд Скопје 1 денеска извести дека ја добил од Апелациски суд пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Тенк“ на Специјално јавно обвинителство, со што почна да тече рокот кога тој ќе треба да се јави на издржување на двегодишната затворска казна.

„Второстепената пресуда за предметот со КОК бр. 59/17 од Обвинителството означен како „Тенк“ од Апелациониот суд – Скопје денеска беше доставена до Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Пресудата ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции, кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката“, соопшти Основен суд Скопје 1.

Според Законот за извршување на санкции, судијата за извршување санкции е должен во рок од осум дена да постапи по одлуката. Тој на пратеникот и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да му остави најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт за да се јави на издржување на казната.

Груевски има право да побара одложување на почетокот на извршување на казната за набавката на „мерцедесот“ вреден 600.000 евра.

 

SHARE

Оставете Коментар