Аплаузи на отворена сцена и позитивни критики доби претставата „Ничија земја“, со која Македонски народен театар се претстави во натпреварувачкиот дел на 17. Фестивал на босанскохерцеговската драма и на авторскиот театар „Зеница 2018“.

За црната комедија „Ничија земја“ настаната според текстот на Данис Тановиќ и на Александар Морфов, чија е и режијата, потписници на сценографијата се Никола Торманов и Валентин Светозарев, кој е автор и на костимографијата.

Актерската екипа составена од Сашко Коцев, Александар Михајловски, Горазд Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Каевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓеликовиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски ја одушеви зеничката театарска публика.

Пред почетокот на претставата на публиката ѝ се обрати вршителот на работите во македонската Амбасада во Сараево, Александар Крстевски, кој изрази задоволство што Македонија е земја-партнер на фестивалот.

Ансамблот на Босански народен театар (БНП) од Зеница за септември најавува гостување во Македонија , каде што премиерно ќе ја изведе претставата „Буре барут“.