Проф. Далибор Јовановски: За грчкиот иредентизам кон Република Македонија

Повеќе од две децении сме сведоци на грчките обвинувања дека нашата држава имала територијални претензии кон Северна Грција и дека нашиот образовен систем поттикннувал иредентизам кон соседите.

Овие неколку месеци забележуваме силна дипломатска активност на владите во Скопје и Атина за решавање на проблемот кој Грција го има со нашето име. Но, и тука слушаме дека решението мора го исклучи македонскиот иредентизам.

За првпат во четвртокот и македонската страна побара во договорот да биде вклучен иредентизмот на двете страни. Грците, според тоа што може да се прочита и слушне, биле изненадени од нашето барање. Тоа најдобро може да се види по реакцијата на лидерот на грчката опозиција Киријакос Мицотакис, но и реакцијата на грчкото министерство за надворешни работи дека ставовите на нашиот министер Димитров не биле ставови на Коѕијас.

Според грчките размислувања, нивната држава никогаш немала аспирации кон нашата територија, но дали е тоа вистина?

При крајот на Втората светска војна во Грција постоеле размислувања за барање на територија од соседна Југославија, поточно од нејзиниот составен дел – новата македонска држава.

Двајца видни грчки политичари и интелектуалци Филипос Драгумис и Георгиос Модис побарале проширување на грчката територија на север, со делови од НР Македонија, со објаснување дека на тој начин би била олеснета одбраната на Солун, имајќи го предвид германскиот напад на Грција од април 1941 година.

Треба да се забележи дека Драгумис бил грчки дипломат, а Модис, едно време бил и гувернер на Македонија. Првиот повоен градоначалник на Лерин, денешна Флорина, А. Мавридис, во писмо до грчкото министерство за надворешни работи напоменал дека Грците во Битола биле подготвени да се борат за вклучување на градот во рамките на грчката држава.

Многу поинтересен е следниот податок. Георгиос Папандреу, премиер на кралската влада, татко на еден друг премиер Андреас и дедо на последниот премиер од династијата Папандреу, Јоргос, во септември 1944 година, кога веќе бил јасен исходот на Втората светска војна, им наложил на грчките дипломатски службеници внимателно да го разгледаат барањето за промена на грчко – југословенската граница во полза на неговата држава.

Папандреу не се задржал на овие насоки кон неговите дипломати. Во разговор со југословенскиот заменик министер за надворешни работи Стојан Гавриловиќ, Папандреу го поставил ова прашање. Реакцијата на југословенската страна била жестока. Подоцна грчката влада се обидувала да го намали значењето на барањето на Папндреу.

Размислувањата на Папндреу, Драгумис и Модис не биле случајни ниту пак непресметани, а следниве примери ни го докажуваат тоа. Во Грција излегуваат книги и брошури во кои отворено се пропагира припојување на јужните делови на НР Македонија кон јужниот сосед.

За волја на вистината во грчките дипломатски кругови имало и поумерени размислувања за прашањето на грчко – југословенската граница. Така, политичарот, дипломат и интелектуалец Периклис Аргиропулос сметал дека Југославија била сојузничка земја и грчките барања на сметка на Југославија, односно на НР Македонија, би предизвикале приближување на соседната земја со поразената Бугарија.

Но и тој сметал дека треба да се види во која насока ќе оди развојот на настаните во Југославија, па дури тогаш да се бара промена на границата.

Според еден грчки историчар Хасиотис, ваквите размислувања во грчката влада биле присутни се до конференцијата на сојузниците одржана во Сан Франциско во 1946 година, значи се до почетокот на Граѓанската војна во Грција, која и ден денес се користи како основа за обвинувањата кон нашата земја за постоење на иредентистички ставови и позиции. Е сега прашањето е кој почна? Одговорот е очигледен.

Иако, можеби грчките владини претставници престанале да говорат за промена на грчко – југословенската граница, во нивната земја постоеле кругови блиски до владите кои барале промена на границата. Па така, на 21 јуни 1946, година во Солун бил организиран митинг на кој се барало проширување на грчката територија на сметка и на соседна Југославија, односно нејзината федерална единка НР Македонија.

Неколку години подоцна еден комитет на поробените Грци, и тоа во време на приближување помеѓу Југославија и Грција, побарал вклучување на Битола, Крушево, Гевгелија и Струмица во рамките на грчката држава. Според ова барање, САД кои работеле на приближување помеѓу Белград и Атина, требале да ја убедат Југославија да и ги отстапи споменатите македонски градови на Грција.

Прашањето на иредентизмот е мошне важно за стабилноста на нашиот регион. Во таа насока е и прашањето дали во соседна Грција може да се слушната иредентистички барања кон Република Македонија. Одговорот е позитивен. Да го споменеме поранешниот грчки министер за надворешни работи, министер за култура и премиер Андонис Самарас.

Во еден негов говор во грчкиот парламент тој рекол дека добро е соседната земја да се подели на неколку кантони. Во превод да не постои. Пред неколку години тој јавно изјави дека не треба да се стравува од Голема Албанија и Голема Бугарија.

Кога го спомнав грчкиот парламент треба да се забележи дека таму понекогаш се поставуваат пратенички прашања кои, реално гледано се полни со иредентизам. Така, пратеникот на ЛАОС, десничарска националистичка партија која произлезе од незадоволни членови на Неа Димократија, Ангелос Колокотронис, во 2011 година, поставил интересни пратенички прашања.

Според него во соседната држава во областитте на Битола, Охрид, Крушево, Гевгелија и Струмица продолжувало уништувањето на грчките споменици од античкиот, средновековниот и новиот период. Исто така Колокотронис говорел дека домородните Македонци Грци биле лишени од секакви права во Скопје (Р. Македонија).

Затоа тој ја прашал грчката влада што преземала на тој план. Еден друг пратеник, Киријакос Велопулос, исто така во 2011 година, ја праша владата што презема за заштита на грчкото влахофонско население. Одговорот на министерот за надворешни работи Димитрис Друцас е мошне интересен.

Според него грчкото влахофонско население во соседната земја живее во областите на Битола, Охрид и Струга и во помал дел во Скопје. Според неговото признание грчката влада дава финансиска поддршка на влашките здруженија во ПЈРМ, а канцеларијата за врски на Грција во Скопје и канцеларијата за економски и трговски интереси во Битола прават се за оддржување на односи на овие здруженија со Грција.

Друцас, исто така, во одговорот до пратеникот дава и примери за поддршка на изложби и печатење на книги. Исто така, партијата Хриси Авги (Златна Зора) трета политичка сила во Грција, според бројот на пратеници, не крие дека некои делови од Република Македонија се грчки.

Да ги додаме и многуте иредентистички сајтови и блогови во соседна Грција во кои се пропагира дека јужните делови на нашата држава се грчки. Значи Охрид, Струга, Битола, Крушево, Гевгелија, Струмица се неослободени?

Ова не е иредентизам? Замислете некој наш пратеник да постави вакви прашања или пак некој министер да даде ваков одговор што ќе се случи. Затоа е добро што министерот за надворешни работи Димитров го отвори и прашањето за грчкиот иредентизам.

Доколку Атина бара јасно, цврсто и одржливо решение, тогаш треба сите прашања да бидат отворени, колку и да се болни, не само за нас, туку и за соседот. Само така ќе бидем пријатели, а не со еднострани обвинувања дека нашата земја поттикнува иредентизам.

Оставете Коментар