Проф. Стојановски: Народот против елитите, Мицкоски може да настрада

Пишува Страшко Стојановски

СЕ Е ЕДНОСТАВНО ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

Се подготвува терен. Кампањата веќе започна со фенси спотчиња, демек најави за емисии и летечки експерти кои толку многу се барани што не можат да доседат во една дебата, па на средина трчаат да настапат во друга телевизија. Претходно во три дена на три телевизии, сега за една вечер на три емисии. А не се дефицитарни, ги има на препад.

Кога сме кај референдумот, колку и да се мистифицира, ситуацијата е едноставна. Или бојкот, или масовна излезност. Се помеѓу е во корелација со изборниот инжинеринг на спин докторите.

Првата опција е јасна. Бојкот! Но доколку сакаме да успее единствениот кој може да го спроведе е ВМРО ДПМНЕ. А таму невидена амбивалентност, која станува се поочигледна. „Ќе гласаме против“, се изјавите досега. Јасно е дека политичките елити се под притисок на странскиот ни, одомаќинет фактор, но сега и на граѓаните, кои не се само гласачка машина, туку имаат јасен став, а тој вели бојкот.

И додека Мицковски се обидува да капитализира, сведувајќи го референдумот на едноставен избор помеѓу него и Заев, треба да знае дека доколку настрада нечија политичка кариера во овој процес, тоа ќе биде неговата. Лидерите се да носат одлуки и да стојат зад истите, а недостатокот на енергичност, затскриена зад технократска дипломатичност и квазиодмереност за политичката елита на опозицијата сигурно ќе биде погубна.

Втората опција е да се консолидираат сите сили во Македонија и да се работи на максимална излезеност. Ова е опција, која на власта не само што не гарантира позитивен исход од референдумот, туку речиси сигурно би значела no pasaran за референдумското прашање, колку и оптимистички да звучи.

Дури и во услови на нерегуларна, еднострана кампања, дури и во услови на притисоци и закани, народот има нешто што не можете да го подведете во рационалните рамки на калкулациите на вашите статистички операции. Тоа е гордост и инает. Се разбира, тоа е возможно доколку се испочитуваат макар и минимум демократски стандарди, нешто за што убеден сум власта не е подготвена.

Сето она што груевизмот јасно го етаблира во полициска држава, сега само е надградено и проширено, а јасна е пораката дека ќе се користат сите средства и инструменти на институциите на системот, дозволени и недозволени.

Сега во услови кога одредени движења, маргинални партии и граѓански иницијативи го следат инстинктот и го повикуваат народот на бојкот, треба да се знае дека делумен бојкот е дел од математичката равенка. Фино би било 100-тина илјади најтврдокорни противници да не излезат на референдум.

За административната машинерија, државните и јавните служби сигурен сум дека ќе успеат да се „себемотивираат“ и да гласаат. Дури и оние кои досега на избори немаат излезено, ќе мора да гласаат. Нормално подведувајќи го на сопствената волја за повисок јавен интерес, а не на личната позиционираност, клиентелизам, штитење на фотеља, или во најголем број случаи борба за гола егзистенција и навремено враќање на кредитите со кои се задолжени во некоја од банките ни.

Да, референдумското прашање. Доколку се бојкотира ирелевантно е дали ќе биде позитивно, негативно или наградно. Се разбира, прашањето треба да биде афирмативно поставено во насока на договорот, доколку е пост фестум референдум, или како претходен референдум доколку истиот се поврзе со уставните измени, за што и де факто се организира. Нормално ќе зрачи со оптимизам.

Оксиморонската идеја за негативно прашање е само во насока да се направи притисок врз јавноста и пред се опозицијата да се откаже од бојкот. Но ништо чудно и тоа да помине. По примерот на 8-ми септември 1991, може прашањето да гласи „Дали сте за самостојна и независна Република Северна Македонија со можност да стапи во економски просперитетните и демократски ЕУ и НАТО“. Тогаш ни се закануваше ЈНА, сега свита на амбасадори.

Но, пред да добиеме уште еден скрининг процес од НАТО, со кој сигурно се пробива рокот за ратификација во Грција, а несомнено ќе се слави како голем успех, треба да се запрашаме дали нивото на демократија, па доколку сакате и развојот на економијата се проблем кој ќе ни го реши ЕУ и НАТО. Тоа не се социјални клубови, и не е лошо да почнеме да си ја работиме домашната задача, не за другите, туку за нас самите. Со клиентелизам, партизација, некритички и неслободни медиуми, уценети експерти, несигурен правен систем, сервилно образование, песимистичка и апатична младина, никаде не мрднуваме.

Тестот на демократијата во која се колнете е сега! Без егзибиции за намалување на цензусот затоа што тоа е апсурдно само по себе. Нели треба да си ги легитимизирате одлуките. Или грешам. На странците ќе им продадете дека народот одлучил, а нормално нивната јавност не се грижи како. Сепак, не заборавајте, колку и да ги движат нивните себични национални мотиви, во Франција, Данска, Холандија, лесно ќе се повикаат на недостатокот на вашата демократичност.

Некој ќе мониторира и некаков извештај ќе излезе. Затоа, приберете си ги удбашко полициските структури. Свесен сум дека ова ќе биде тешко, затоа што е толку добро разработено од вашите претходници и добро функционира. Не е лесна и вашата, на искушение сте.
На крајот, референдумот, некој ќе се обиде да го подведе, што веќе и се прави, на борба на ВМРО против СДСМ. Но во суштина тој ќе биде борба на граѓаните против политичките елити, која и боја да се тие.

п.с. Изгледајте го светското првенство па одлучете си

Авторот е професор по право на Универзитетот Гоце Делчев во Штип

2 Коментари

  1. BOJKOT – ne ucestvuvame vo niedna tugja zdelka protiv nas. So samoto isleguvanje ( i da ne uspee) im se dava pravo da rabotat na toa da NIM IM USPEE ( normalno bez nas). gjavolot ni ora ni kopa, posebno koga vo MK ima dobro servilni argati. Bojkot na celiot proces.

Comments are closed.