Трајче Стојанов, професор по филозофија на Факултет за образовни науки во Штип, во колумна за хрватскиот портал „Дневно“ го коментира проблемот што Грција го има со името на Македонија и уште во насловот констатира дека „на Македонија ѝ преостанува уште да се самоукине“.

„По распадот на Југославија, во која Македонија имаше статус на република, Грците, од страв дека Македонија ќе побарува и територии, и античко наследство, го преименуваа целиот регион околу Солун во ‘Македонија’ за да го приграбат за себе македонското наследство и и да го инкорпорираат во својот идентитет. Така, денешна Грција има најкомплексен идентитет во Европа: православно-византиски (таа е единствената несекуларна држава во Европа, во која православната религија е уставна и официјална), античко-грчки, хеленски, македонски…“, пишува професорот Стојанов, кој докторира филозофски науки на Филозофски факултет при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Детално елаборирајќи го историјатот на речиси тридеценискиот наметнат спор од јужниот сосед, Стојанов се фокусира на предлогот „Илинденска Македонија“, објаснувајќи дека преку него премиерот Зоран Заев, всушност, им излегува пресрет на двете главни грчки барања: ерга омнес за името и измени во Уставот.

„Тоа што не можеа со блокади, ембарго, притисоци, веројатно ќе успеат со лабилниот и крајно корумпиран политичар Зоран Заев, кого Западот по ‘шарената револуција’ токму заради тоа и го инсталира на власт. Жално е што неговата партија СДСМ и тој немаат никаква друга политичка агенда, туку да го сменат името на земјата и да ја втурнат Македонија во НАТО, по што би почнале преговорите на Македонија со ЕУ. Влегувањето во ЕУ секако дека е стратешка цел на Македонија, но не под такви услови. ‘Тајмингот’ е на страната на Грција, бидејќи Западот, поради сè поголемото влијание на Русија врз регионот, инсистира на вовлекување на Македонија во НАТО, па макар државата да се викала и Дизниленд. Тоа Западот воопшто не го интересира, па така веројатно не ги интересира ни Заев, ни неговата партија. Тој лично, како и владата што ја води, излезе со официјалниот предлог ‘Илинденска Македонија’, што е, секако, апсурдно и смешно. Тој предлог ја открива сета апсурдност на еден таков спор. Иако беше сосем очигледно дека овој апсурден спор не може да има логично решение, сепак, ова е врв“, образложува професорот пред да поентира.

„Овие денови сите расправаат за тој бесмислен предлог ‘Илинденска Македонија’, а никој не гледа, дури и не зборува каква штета веќе е нанесена со последните, како и со бројни претходни отстапки. Иако сега може и да не се постигне спогодба, сепак, по овие отстапки, Грција никогаш не би прифатила ништо помалку. Повеќе од ова е единствено одлуката да се самоукинеме. Но, како што Грците се ирационални до крајни граници, нивното одбивање и овој пат веројатно ќе ни го спаси името… од нас самите!“, заклучува Трајче Стојанов од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.

 

1 Коментар

  1. Препорачувам да го прочитате целиот текст во „Дневно“. Ќе откриете досега непознати работи. Пр. дека со Букурешкиот договор 1913г. Македонија е поделена помеѓу Грција, Бугарија и Албанија, дека ФИРОМ е последица на Времената спогоднба!? Додека има вакви трајчевци, се извинувам, ПРОФЕСОРИ како проф. Стојанов, Македонија не треба да се грижи за својата иднина!

Оставете Коментар