Прогресивниот данок ќе ја дотепа економијата, тврди бизнис заедницата

За да имаат позитивен ефект, на реформите во даночниот систем им се потребни уште многу анализи, усогласувања и многу повеќе време за деловната заедница да може да се прилагоди кон новиот, прогресивен данок, кој би го заменил досегашниот, рамен данок, сметаат бизнисмени од четири стопански комори во Република Македонија, потписнички на Платформата за јавно – приватен дијалог.

Членовите на Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори својата оценка ја темелат врз резултатите од истражувањето спроведено во 546 домашни компании и преку две фокус групи кои го искажале својот став за прогресивното оданочување и последиците од данокот врз развојот на македонското стопанство.

Анализата на деловниот сектор покажува дека реформата во овој момент би имала многу негативно влијание врз биснисот, а нуди малку и нејасни поволности. Бизнисмените сметаат дека критиките на рамниот данок кој, според поддржувачите на реформите, не овозможувал вистинска праведност во оданочувањето се недоволни за да се превземе една толку темелна реформа, без да се земат предвид позитивните аргументи кои одат во прилог на рамниот данок.

Натаму, бизнис секторот тврди дека зголемувањето на даночните стапки по автоматизам ќе прати исклучително негативен сигнал и кон домашните и кон странските инвеститори. Згора на тоа, заради опкружувањето на Македонија во овој момент, прогресивниот данок би довел до губење на компаративната предност на македонската економија и на имиџот кој го има кај странските инвеститори.

Во основа, сметаат бизнисмените, данокот треба, покрај функцијата на собирање средства за финансирање на потребите на државата, да има и развојна функција за економијата. Затоа ваквиот вид на даноци се карактеристични за многу богати и развиени држави.

Прогресивниот данок во држава како нашата само ќе ја зголеми даночната евазија и ќе делува дестимулирачки врз економијата. Затоа, повикува деловниот сектор, поефективно би било да се зголеми контролата на наплатата на сегашните даноци.

Данокот ќе доведе до уште поголем „одлив на мозоци“ од земјава и драстично намалување на инвестициите во ИТ секторот.

Деловниот сектор има замерки и за нетранспарентноста на владата во поглед на тоа како ќе ги распредели додатните средства прибрани од прогресивниот данок како, на пример, колку точно ќе се слеат во образовниот, колку во здравствениот систем, во армијата, полицијата, екологијата, итн.

Во ситуацијата во која државата се уште нема излезено од повеќегодишната политичка криза и нестабилноста која произлезе од неа, заради што целата економија беше ставена во позиција да се бори за опстанок, овој данок е непотребен ризик за биснис секторот, заради што тие повикуваат одлуката да се одложи за најмалку пет години.

SHARE