„Проклетството“ на поетот Јовaн Котески ја стигна ќерката Јасна

Повеќе од 3 децении откако нејзиниот татко поетот Јован Котески стана жртва и беше затворен за своите идеи за независна Македонија и неговата ќерка јасна Котеска деновиве е жртва на прогон.

Овој пат прогонот е организиран од идеолошките наследници на истите луѓе што го кладоа в затвор поетот во 1985 година. И причините се слични, ставовите на Јасна Котеска се различни од ставовите на тие што во моментов (и пред 33 години) носат одлуки за врвните теми во државата.

Само методологијата е различна. Сега наместо УДБА, полиција и затвор Котеска која е една од највлијателните интелектуалци во земјава е жртва на организирана и координирана кампања на социјалните мрежи.

Професорката Котеска која беше еден од најистакнатите членови на таканаречената Шарена Револуција и жесток критичар на режимот на Груевски веќе не ја поддржува оваа влада по неколку точки. Таа пред еден месец јавно праша зошто таа како Македонка мора во иднина да се нарекува ГорноМакедонка. И со тоа го навести тоа што се случува денеска.

Непримерниот реваншизам против неа дојде откако деновиве принципиелно го осуди прекумерното насилство на полицијата против тие што мирно протестираа пред собранието против промена на името.

Одговорот од тие кои што ги контролираат голем дел од социјалните мрежи беше брз и жесток. Одеднаш еден од симболите на Шарената револуција стана „Вмровка“, пречка за патот кон ЕУ, конвертит што ја заборавила целта на револуцијата.

Нападот врз неа, поради нејзиното влијание во интелектуалните и медиумските кругови, според својата жестокост е еден од најсилните откако македонските граѓани започнаа да ги користат социјалните мрежи.

Приказната за таткото на Јасна, поетот Јован Котески (Википедија)

Во 1985 ја објавува збирката песни „Тапија“. На 2 септември истата година, во ситуација што подоцна ја опишува како Кафкинска, е уапсен во својот дом во Скопје и осуден на петгодишна робија. Обвинувањето го товари за илегално работење на уривањето на Југословенската Федерација и за создавањето независна македонска држава. За време на судењето, еден од обвинителите, за Котески бара казна затвор од 20 години. Припаѓа на последната група политички затвореници-интелектуалци во поранешната Југословенска федерација. Додека е во затвор, сите збирки поезија на Котески се повлечени од книжарниците и од библиотеките.

По 1990 и по прогласувањето на независната македонска држава, темата на робијата станува атрактивна за новинарите, но до крајот на животот Котески ја избегнува темата на робијата и никогаш не се вклучува во политичкиот живот. За време на двегодишната робија, ги пишува збирките песни „Морници“ и „Ралица“, кои се сведоштва за душевните и телесните страдања во скопскиот затвор Идризово.

Во затворот ги чита Хомер и Евтушенко, изработува шаховски фигури и го приготвува локалниот затворски весник. За робијата подоцна вели: „Тие две години на моето робување во Идризово, научив многу нешта, што инаку би ми биле недостапни. Научив да ги почитувам мислењата на другите, научив до кои граници може да се „растегне“ човековата болка, научив дека душевната болка е многу подлабока од физичката, научив дека треба да се зачува присебноста, да се биде трпелив, да се одгледува надеж…. Она што најмногу ме боли е дека што носорози обвинители и панташи судии, затскриени зад ѕидиштата на просторот кадешто не’ пуштаа да земеме воздух, како крапови извадени на суво, преку полицајците, ме тераа да рецитирам стихови…“

Наспроти очигледното молчење заради затворањето на Котески кај неговите колеги-поети од Македонија, за неговата судбина во 1985 најмногу се интересира американскиот поет Ален Гинзберг[5], тогашен претседател на Комисијата за заштита на правата на писателите и новинарите во Светскиот ПЕН центар. Гинзберг, како добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, во Македонија неуспешно се обидува да организира протест на македонските поети за негово ослободување од затворот.

Јован Котески е ослободен со залагање на хрватскиот писател и филозоф, Предраг Матвеевиќ, кој во својство на тогашен потпретседател на меѓународната асоцијација на ПЕН центарот со седиште во Њујорк организира петиција со потписи на познати светски писатели до тогашното Претседателство на СФРЈ.