Работнички протест за 1 Мај најавија Конфедерацијата на синдикални организации и независниот полициски синдикат на кој ќе бидат истакнати барања за подобрување на работничките права преку целосна измена на постоечкиот закон.

Тие го повикаа своето членство, но и сите работни луѓе кои се чувствуваат обесправени, за Празникот на трудот да одвојат два часа и со свирчиња да го изразат својот протест, наместо да заминат на традиционалниот излет и да прават – скара.

Ќе бараме комплетна измена на законот за работни односи, не козметички измени, вели Марјан Ристески од конфедерацијата на синдикални организации.

Оо Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) која е најстара синдикална организација нема најава како ќе биде одбележан празникот, но се очекува да го повика членството на првомајски протест.

1 Мај e меѓународен празник посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.

Се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржа од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго на кој се бараше воведување на 8 часовен работен ден. Против штрајкувачите беше употребена сила од страна на полицијата и имаше и жртви. Подоцна, организаторите на штрајкот беа изведени на суд, при што четворица од нив беа и погубени.

Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк,Втората социјалистичка Интернационала, на својот оснивачки конгрес во 1889 година донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба.

Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји ширум светот се одржуваат демонстрации во знакот на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.