Прозваната Марија “која има капацитет” му одговори на проф. Марковиќ

Професорката Марија Ристевска, основач на Центарот за истражување и креирање политики, која се препознала во отвореното писмо на професорот Ненад Марковиќ кој зборува за тоа што ќе се случи вториот ден по референдумот ако истиот пропадне му одговара на својот колега:

Драг Ненад Марковиќ, малку сме умни за да се караме затоа јас никогаш не влегувам во конфликт ами се обидувам со аргументи да се разберам ако можам. Се препознавам себе си во оваа Марија која има капацитет.

Отсекогаш така ме опишувале зашто веројатно на тоа ќе останам, човек кој има капацитет и кој може; но кој не преќутува кога не е место да зборува (прифаќа дебати дури и кога треба да ја изберат во звање за разлика од многу колеги); кој не напушта другар зашто не е кул да се биде виден во негово друштво зашто е со Бранко у време кого ВМРО е најјако, ами го помага да го преброди најтешкото;

Нити сум некој кој калкулира па не се пријавува на конкурс за избор на наставник во својата област за да не му направи бранови во мирното море на колегата (зашто длабоко верувам дека на тој начин правиме подобро образование за студентите, секој во својата област да биде избран и да ја развива, а не да го бираме зашто тоа место се ослободило, а него му треба звање).

Затоа веројатно јас ќе останам со капацитет, без функција, без комфор, но со интегритет!

Интегритет како политолог да го симнам на најниско индексот на демократија во време на Груевски, интегритет како специјалист за ЕУ и политики да кажам немате реформи и лажете дека името ќе ни донесе ЕУ членство, и интегритет како правник да кажам дека #бојкотирам референдум заради тоа што договорот е неуставен, спротивен на меѓународно право, а организацијата на референдумот ги прекрши сите добри практики.

Јас имам интегритет и како човек и никогаш не би се дрзнала од граѓаните од кои извира суверенитетот на оваа земја да барам одговорност за практицирањето на нивното демократско прави да не/гласаш.

Напротив мојот професионален и личен интегритет ми налага да ги држам одговорни институциите:

1. Заради тоа што не ги информираа граѓаните за договорот (20 страни кои тешко се читаат и разбираат од специјалисти, а безмалку воошто не се разбирливи за обични граѓани) за да истите донесат информиран избор;

2. Заради тоа што водат кампања преку која шират лаги (ќе сме добиеле повеќе пари од ЕУ, а претпристапна помош дефинирана до 2026, а следната ни самата ЕУ не знае колкава ќе биде зашто треба да и се реструктуира и институциите и буџетот; или ќе сме имале бесплатни здравствени услуги; или дека ќе сме имале сигурен пазар за нашите производи кои не исполнуваат стандарди)

3. Заради тоа што трошат пари од буџет за кампања без да не информираат од која ставка им се парите па неможеме да ги следиме; или дека државата е поделена од партијата ама министрите се во кампања „ЗА„ иако владата треба да биде неутрална

4. Затоа што не информираа за денот потоа кој толку го проблематизираш; кои се импликациите од договорот? какви се уставните промени? колку имплементацијата ќе не чини? од каде, како ќе генерираме пари за овие, а не за други приоритети (на пример да унапредиме квалитет на образование, да ги зајакнеме независните институции и да обезбедиме подобра здравствена заштита)?

Многу ми е интересна оваа црно-бела реторика.

Ако не излезеш на референдум ќе не снема и треба да си одговорен за тоа! Ако не излезеш на референдум Албанците ќе ни направат војна и треба да си одговорен за тоа! Ако не излезеш на референдум ја одбираме Русија (иако таа не и ни избор) и си ги затвараме сите врати кон ЕУ и треба да си одговорен за тоа!

Не, драг мој Ненаде, овој народ не е одговорен за тоа! Одговорноста за денот потоа не смее да се бара во неизлегувањето затоа што:

1. Луѓето не биле информирани, а тука одговорноста ја носи власта;

2. Луѓето биле излажани за иднина која нема да ја добијат и тука одговорноста ја носи власта;

3. Луѓето не одлучиле да се трошат пари од буџет за кампања за референдум спротивно на сите добри практики и што ќе влијае државата да нема да може да достави услуги, исплати пензии, обезбеди плати;

4. Луѓето не знаат за што гласаат какви уставни промени и колку истите ќе чинат). Одговорни се политичките лидери кои прифатиле таква уцена, кои договориле се или ништо, кои потпишале договор кој што им решава еден гео-политички проблем на големите сили, но нас ни создава поголем внатрешен проблем со кој долго ќе се справуваме (не поларизира, дели, кине Македонците; не поларизира, дели, кине со Албанците; не поларизира, дели, кине од европските вредности).

Единствено што можеме Ненад е да ги држиме одговорни оние што сме ги донеле на власт со агенда да реформираат, да ја ослободат заробената држава, да работат на економски развој; а не да тргуваат со името.

А добро знаеш во политичката теорија има три опции:

а) да бидеш лојален на одлуките на тие што си ги избрал;

б) да се огласиш против одлуките на тие што си ги избрал;

в) да си заминеш / ги напуштиш тие што си ги избрал. Ина, Марија, магионичарот, роднините, соседите кои се огласуваат против погубниот договор – одлука која ја донеле оние кои сме ги избрале!

Зашто денот потоа им останува само уште една опција = да заминат!

Писмото на професорот Марковиќ на кое одговара Проф. Ристеска

Писмо од таборот ,,ЗА” што ќе ги замисли и активистите на #Бојкотирам

SHARE

Comments are closed.