Путин го украде шоуто на венчањето на шефицата на австриската дипломатија

Само за еден час и 20 минути, колку што помина во Австрија пред да замине на средба со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, рускиот претседател Владимир Путин го украде шоуто на венчањето на австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл, пишува „Њујорк тајмс“.

Иако на свеченоста, на која беа поканети околу 100 луѓе, присуствуваа и австрискиот канцелар Себастијан Курц, вицеканцеларот Кристијан Штрахе и други членови на кабинетот, сите очи беа вперени кон гостинот од Русија.

Путин танцуваше со невестата, потоа се потпиша на постерот со натпис „Тукушто венчани“, закачен на автомобилот на младоженците, а по венчањето се слушна и гласот на Козаците, кои шефот на руската држава ги доведе со себе како свадбен подарок.

Кнајсл, која се омажи за 54-годишниот Волфганг Мелингер, носеше традиционален фустан, препознатлив за Австрија и за југот на Германија.

На негодувањето од опозицијата кабинетот на министерката соопшти дека венчањето е приватен настан и нема да влијае врз надворешната политика на државата.

 

SHARE