R.I.P. Замина актерската легенда Мите Грозданов

Денеска во Скопје на 75 годишна возраст почина Мите Грозданов актерската легенда на македонскиот театар, филм и телевизија.

Роден на 14 декември 1943 во Струмица. Во пензија замина во 2008 година но и по пензионирањето беше активен во својата професија. Го нарекуваа мајстор на монодрамата.

„Си отиде еден од оние неколку луѓе заради кого занемено се вљубивме во театарот кога беше поумно да се вљубуваш во други работи! Си отиде човекот од кого научивме дека со театарот и сите оние други вљубувања имаат сила и страст за да траат засекогаш! Си отиде човекот чии реплики сме ги знаеле наизуст само од гледање! Си отиде човекот кој за нас беше човек кога за публиката беше Бог! Си отиде Мајсторот! Бог да го прости ..чич` Мите,, напиша во својот последен поздрав режисерот Јани Бојаџи.

Биографија

Веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград во 1967 година, станал дел од Драмскиот театар Скопје, а една година подоцна, во 1968 година го добил највисокото театарско признание во Југославија „Златен ловоров венец“ за главната улога во претставата „Партитура за еден Мирон“ од Коле Чашуле.

Во својата театарска дејност се истакнал со мошне сензибилна фактура, залагајќи се секогаш со максимална лична креативност и сценска еластичност. Своевремено, своите режисерски амбиции ги остваруваше со драмските аматери на КУД „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија.

Од декември 2008 е пензионер, после деценискиот работен век во Драмскиот театар во Скопје. Еден од неговите најзначајни проекти е режирањето на претставата “Стрниште затвор за жени”, во која што главната улога ја игра актерката Николина Василевска а во неа се појавува и доајенот на македонското глумиште Соња Каранџуловска.

Награди

1968 година „Златен Ловорев венец“ на Фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево (МЕСС) за насловната улога во претставата „Партитура за еден Мирон“ од Коле Чашуле

Награда „Млад Борец“

Награда на Театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за улогите Светозар во „Карамазови“ и Иљо М. во „Сенката“

Сребрена плакета на фестивалот на монодрамата за улогата во „Дрво на ридот“

1984 година бил прогласен за актер на годината според ревијата „Екран“

SHARE

1 Коментар

  1. ГОЛЕМ ЧОВЕКУ, ПОЧИВАЈ ВО МИР СО ТВОЈАТА НАЈГОЛЕМА ПАРТИЈА МАКЕДОНИЈА ЗА КОЈА СЕКОГАШ ВЕЛЕШЕ ДЕКА САМО ТАА Е ВИСТИНСКА. ТВОИТЕ ДЕЛА ЌЕ ОСТАНАТ ВО СЕЌАВАЊЕ НА МНОГУ ЛУЃЕ ОД ПОВОЗРАСНАТА АМА И ОД ПОМЛАДАТА ГЕНЕРАЦИЈА!

Оставете Коментар