Ракометарите на Вардар надмоќно до шесто финале во СЕХА

Многу полесно од очекувањата, иако првото полуфинале се сметаше за финале пред финалето на седмиот завршен турнир на ракометната СЕХА-лига во Скопје, бранителот на титулата Вардар го декласира Мешков Брест со 33:24 и се избори за шесто финале.

Таму в недела од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“ трикратниот освојувач на регионалното клупско натпреварување ќе го чека подобриот од вториот полуфинален дуел вечерва меѓу ППД Загреб и Целје.

Европскиот, регионален и македонски шампион го контролираше од почеток до крај нерамноправниот меч со белорускиот првак, иако на полувреме замина со предност од „само“ 17:14. Ослабениот противник, без тројца свои стандардни играчи, и дефинитивно го положи оружјето во почетокот на вториот дел, кога погоди дури по седум минути игра, кога на семафорот стоеја веќе недостижни 22:14.

Арпад Штербик со 20 одбрани, од кои два седмерца, беше прво име на натпреварот, а Лука Циндриќ со шест гола од седум удари и со четири асистенции беше најкорисен во нападот на победникот. Најефикасен на средбата, пак, беше Максим Баранау од поразениот тим со девет погодока од 11 обиди.

Ова е највисокиот триумф на Вардар над Мешков Брест во досегашните 13 меѓусебни дуели, во кои вардарци имаат осум победи, две нерешени и три порази.

Со оваа победа, пак, Вардар ја продолжи серијата во ова натпреварување сезонава, каде што на 19 одиграни средби има 18 триумфи и едно реми, токму со Мешков Брест во февруари во Белорусија.