Кил последна пречка за ракометарите на Вардар до фајналфорот во ЛШ

Девет години Кил се нема сретнато со Вардар во ракометната Лига на шампионите, но сега трикратниот европски првак ќе мора токму преку бранителот на титулата до завршниот турнир од елитното клупско натпреварување на стариот континент.

Победата од 29:22 од првата средба се покажа повеќе од недостижна за ПИК Сегед, кој во реваншот во Унгарија славеше со минимални 29:28 во осминафиналето.

Тимот од Сегедин водеше со 5:2 во почетокот од мечот, а таква предност имаше и во второто полувреме, кога во неколку наврати ја достигнуваше предноста од три гола, но „зебрите“ и по третпат беа фатални за нив во првиот елиминациски круг по сезоните 2014/15 и 2015/16.

Јунак на голот на Германците беше Данецот Никлас Ландин со 14 одбрани, а во нападот се издвои пикерот Патрик Винчек со девет погодоци, два повеќе од соиграчот Никола Билик од Австрија. Најефикасен во елиминираната екипа со шест гола беше Швеѓанецот Јонас Калман, кој има два триумфа во финалето на ЛШ против Кил како играч на Сиудад Реал.

Со елиминацијата на ПИК Сегед, Унгарија првпат нема да има претставник на финалниот турнир по 2012 година, откако Веспрем вчера беше нокаутиран од Скјерн. На Данците им беше доволен триумфот од 32:25 од првиот натпревар, а во реваншот на гости загубија со 34:29.

Огромно изненадување приреди и Монпелје, кое ја исфрли Барселона, каде што во вчерашниот реванш загуби со 30:28, но во првата средба во Франција победи со 28:25.

Пласман во четвртфиналето обезбедија и Пари Сен Жермен, Нант, Флензбург и Кјељце.

 

Оставете Коментар