Ракометарите на Вардар први во Келн по втора европска титула

Европскиот клупски ракометен првак Вардар прв пристигна на „местото на злосторот“ во Келн, каде што претстојниот викенд ќе се обиде да стане и првиот тим што ја одбранил титулата во Лигата на шампионите.

„Минатата сезона ги изненадивме сите со остварениот резултат, но ефектот на изненадување не е применлив сезонава бидејќи на нашите противници веќе добро им се познати нашите способности. Овие играчи беа заедно со тренерот Гонзалес неколку години и ние функционираме многу добро и на теренот и надвор од него. Вардар има генерација што успеа да освои сè и сите сакаат уште еден успех. Имаме намера да го кренеме пехарот уште еднаш и да станеме првата екипа што ја одбранила титулата и на крајот на сезоната да тргнеме секој во својот правец како победници“, изјави десното крило Иван Чупиќ, чиј гол три секунди до крајот во ланското финале им ја донесе на Вардар и на Македонија првата европска круна во машкиот ракомет.

За завршниот турнир во „Ланксес арена“ тренерот Раул Гонзалес ќе има на располагање 19 играчи, меѓу кои нови лица во однос на лани се Мартин Поповски и Даниел Ѓорѓески.

Денеска „црвено-црните“ ќе го имаат и првиот тренинг пред полуфиналниот дуел со Монпелје в сабота од 18 ч. Претходно ќе се сретнат поразениот финалист од минатата година Пари Сен Жермен и дебитантот на фајналфорот Нант со најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров.