Ракометарите на Вардар со голем бод од Белорусија

Македонскиот ракометен првак Вардар се враќа со еден бод од гостувањето во Белорусија, каде што ремизира 31:31 со Мешков Брест во деветтото коло од групата А во Лигата на шампионите.

Германецот Кристијан Дисингер го спаси од пораз европскиот шампион со голот седум секунди пред крајот од натпреварот во кој домашниот тим постојано беше во водство, кое во завршницата достигна 25:20.

Даинис Криштопанс го предводеше нападот на „црвено-црните“ со осум погодоци, два повеќе од Дисингер, кој минатиот месец им се придружи на вардарци. Дибиров и Карачиќ дадоа по четири гола, Чупиќ и Шишкарев по три, а Калараш, Скубе и Стоилов по еден.

Бодот го искачи тимот на Парондо на третото место во групата со 11 бода, еден помалку од второпласираниот Кјељце, кој во дербито на колото загуби дома со 42:36 од водечката Барселона, која има 16 бода.

Токму полскиот првак ќе гостува во Скопје во следниот круг на 1 декември.

Вториот македонски претставник во најсилното клупско натпреварување во Европа, Металург, го доживеа осмиот пораз сезонава, и тоа на домашен терен против Силкеборг со 33:29, зацврстувајќи се на дното во групата Ц со два бода.

 

SHARE

Оставете Коментар