Референдум, вонредни парламентарни и претседателски избори наесен?

Весникот на албански јазик „Љајм“ цитира дипломатски извори, според кои претстојната есен во Македонија е можно да се одржат и референдум за името на државата, како и предвремени парламентарни, па и претседателски избори!

„Дипломатски извори велат дека заедно со референдумот за името, во септември, најверојатно, ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. Како што истакнуваат извори за весникот, се разгледува можноста и за одржување на референдум во октомври. Доколку се одложи дотогаш, постои голема веројатност дека заедно со референдумот и со предвремените парламентарни избори ќе се одржат претседателски избори. Според Законот, претседателските избори може да се објават шест месеци пред редовниот мандат, што значи дека оваа законска состојба ќе биде завршена до крајот на октомври, изјавија за весникот дипломатски извори“, пишува „Љајм“.

Околу предвремените претседателски избори е нејасно на кој закон се повикуваат цитираните дипломатски извори, бидејќи членот 81 од Уставот за нивното објавување вели: „Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот“.

Ѓорге Иванов својот втор претседателски мандат го почна на 12 мај 2014 година.

 

Оставете Коментар