Референдумот доби нов “цензус” – пишува Горан Момироски

Владините коалициони партнери ги утврдиле новите реални цели и новиот наратив за референдумското изјаснување.

Откако стана јасно дека ќе биде извонредно тешко без поддршка од лидерот на опозицијата Мицкоски да се дојде до цензусот од над 900 илјади гласачи власта поставила нови цели и нов наратив за референдумот.

Добро упатени извори велат дека од пред неколку дена главна цел на референдумот за Преспанскиот договор, ЕУ и НАТО е не тој да биде успешен по законските критериуми туку преку него да се дојде до неспорен легитимитет односно до бројка значително поголема од бројот на гласачи што било кога на избори освоила ВМРО – ДПМНЕ или претседателот Иванов.

Практично тоа значи дека владеачката коалиција ќе се обиде да прикаже дека и покрај уставно и математички неуспешен референдум таа добила политички успешен плебисцит односно дека поддршката што ја добила од граѓаните е доволна за продолжување на спроведувањето на планот за влез во ЕУ и НАТО.

Новите поставени цели треба да овозможат премиерот Заев да добие аргументи за продолжување на агендата која треба да финишира со променет устав.

Наместо над 910 илјади гласови како што предвидува законот за референдум (и тоа за договорот со Грција затоа што за ЕУ и НАТО потребно е многу повисок цензус од 920 илјади да гласаат “ЗА” а не само да излезат) од кои најмалку околу 460 илјади би биле “ЗА” сега целта е околу 750 илјади од кои околу 700 илјади би биле “ЗА”. Според анкетите овие бројки се можни.

Со тоа Заев и владата ќе можат да тврдат дека имаат легитимитет пред народот за продолжување на својага агенда.

Со овие бројки тие ќе тврдат дека убедливо е поразена политиката на Иванов кој на изборите во 2014 година доби околу 550 илјади гласови.

Во исто време оваа бројка од околу 700 илјади приврзаници за сите владини партии ќе биде поголема од највисоката поддршка што некогаш ја добила ВМРО-ДПМНЕ (заедно со албанскиот партнер), што од страна на премиерот Заев ќе биде прикажано и како партиски легитимитет.

Овие тези за власта во крајно неизвесната ситуација пред се поради се уште нејасната позиција која што ја има Мицкоски, можат теоретски и на “мускули” да се бранат до бројката од 600 илјади гласови “За” на референдумот но доколку паднат на околу 550 илјади тогаш Заев ќе нема друга опција освен оставка како што најави.

Број на поддржувачи од околу 550 илјади колку што имаше Иванов во 2014 година ќе значи дека Заев без околу 125 илјади гласови на ДУИ (како што предвидуваат симулациите од последните анкети) би имал само околу 400 илјади гласови од Македонци, Албанци и другите помали заедници. Дури и во вака изместени политички критериуми оваа бројка е недоволна за прикажување легитимитет.

Во таква ситуација извесно е дека на Парламентот, (кој во секоја варијанта е излезно решение за уставни промени) ќе му биде уште потешко да најде начин да го преточи Преспанскиот договор во уставни амандмани.

Како тоа ќе се случи со разгоропадена опозиција која неуспехот на референдумот ќе си го препише на себе е тешко да се претпостави.

Кокетирањето на неколку партии – сателити кои од опозиција поради “национален интерес” би можеле да се приближат на власта сепак не е доволно.

За да дојде до двотретинско мнозинство за менување на уставот со 81 пратеник владеачката коалиција ќе треба да тргне во “шопинг” на најмалку 6 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ што според сегашните состојби е потешко и од невозможна мисија.

Во таква состојба Македонија треба да е подготвена за нова серија “Пржински преговори” со посредство на странски тешкаши со цел спречување на целосен хаос и нова тешка и долга политичка криза.

1 Коментар

Comments are closed.