Рекорден сообраќај на скопскиот аеродром, раст од 28 отсто во јуни

„Меѓународен аеродром Скопје“ регистрира 193.007 патници во јуни, што претставува раст од 27,9 проценти во однос на истиот месец минатата година.

Во првата половина од 2018 година низ најголемиот аеродром во Македонија поминаа 976.851 патници, што е зголемување за 21,7 отсто или за над 170.000 патници во однос на лани.

Низ воздушното пристаниште што до пред неколку месеци се викаше „Александар Велики“ се очекува во 2018 година да поминат два милиона патника.

Број на патници по месеци во првото полугодие: јануари 145.591 (+18,8 отсто во однос на истиот месец лани), февруари 130.077 (+23,6 отсто), март 156.952 (+25,4 отсто), април 175.891 (+18,4 отсто), мај 175.333 (+16,7 отсто), јуни 193.007 (+27,9 отсто).

Скопје го има четвртиот најпрометен аеродром во поранешна Југославија по Белград, Загреб и Сплит, а зад македонскиот главен град се Приштина, Дубровник, Љубљана, Сараево, Тузла и Пула по тој редослед. Податоците за последните два треба да се земат со резерва додека не бидат верификувани.