Ренџерс без фанови во Скопје, на авиопревозникот му е неисплатливо?!

Шкотскиот фудбалски клуб Ренџерс ги извести своите навивачи дека не е во можност да им понуди патување во Скопје на возвратниот натпревар со Шкупи од квалификациите за Лига Европа преку својот официјален партнер за патувања.

Клубот од Глазгов соопшти дека ја донел одлуката по „интензивни разговори“ со компанијата „Томас Кук спорт“, со која потпиша договор пред само десет дена.

Во соопштението се објаснува дека „ограничениот број авиони на располагање доведе до огромни предвидени трошоци, за кои клубот и ‘Томас Кук спорт’ се согласија дека не се фер и изводливи за оваа пригода“.

Од клубот упатија „искрено извинување“ за непријатностите што би можела да ја предизвика одлуката да не го организираат ветениот навивачки караван во Македонија за мечот на 17 јули на стадионот „Чаир“ во Скопје.

Првата средба е закажана за 12 јули на „Иброкс парк“, кој се очекува да биде исполнет речиси до последното место од вкупно 50.817 поради дебито на клупата на новиот менаџер, англиската фудбалска легенда Стивен Џерард.