Репортажа – Expres.mk во Нивици (Псарадес): Не може ни комарец да прелета

Десетина полициски контролни точки се поставени денеска на патот што води од Лерин до малото село во Долна Преспа, регион во Грција лоциран на брегот на Преспанското езеро на тромеѓето со Македонија и Албанија.

Селото Псарадес кое според последниот грчки попис бори 158 жители денеска е вознемирено од големиот број новинари, полицајци, владини службеници, дипломати, логистичари и предходниците на министрите Коѕиас и Димитров кои утре ќе го стават својот потпис на договорот за името.

Во селото кое според бугарската Википедија до првата половина на 20 век било Бугарско се градат монтажни објекти за гостите од “Северна Македонија” и се вршат последните подготовки. Утре таму се очекуваат важни гости од регионот и од меѓународната политика.

Селото во превод од грчки значи Риби од зборот Псарија или риба, а го добило затоа што овој дел од преспанското езеро е извонредно богато со риби најчесто клен и крап кој важи за локален специјалитет иако Грците преферираат морска риба.

Мештаните говорат македонски јазик и на гостите од преку граница нема да им биде проблем да се разберат со нив.

Локалниот жител што вчера беше уапсен затоа што зборувал на македонски јазик е на слобода и нема да добие никаква пријава од полицијата.

Инсистира да не му се споменува името но вели дека не згрешил ништо.

– Три години бев во грчката армија и никој нема право да ми кажува како да говорам, вели вчера приведениот на македонски јазик со преспански акцент.

Во селото се чувствува мала нервоза поради полициските сили и заканите од грчките неонацисти кои се закануваат дека ќе дојдат да го растурат состанокот во Нивици, но жителите се мирни.

– Што се не сме доживеале во последниве децении, нека дојдат имаме ракија и мезе ќе ги понудиме како добри домаќини, другото како ќе каже господ, вели еден од повозрасните жители.

Полицијата гарантира дека ниту еден непоканет гостин нема да може да влезе во селото кое до 1927 година официјално се викало Нивици.

SHARE