Многу бабици – килаво дете. Многу советници – килава Влада.

Армијата вработени во Канцеларијата на претседателот на Владата, 47 на број до 17 април годинава, од денеска се засили и со еден вистински командант. Образложувајќи ја својата одлука за ангажирање на Џезаир Шакири, премиерот Зоран Заев порача дека не ги делел луѓето и оти за него командант Хоџа е како и секој друг граѓанин на Република Македонија. Докажаниот експерт од својата област, благодарение на командувањето со „борците за човекови права“ од Арачиново, Липковско, Танушевци во 2001 година, „само“ за 36.000 денарчиња ќе го советувал првиот оперативец во државата за што друго, ако не, за безбедносни прашања.

„Тој може многу да помогне доколку се појават одредени екстремистички или радикални групи на територијата каде што живее, каде што го познава теренот, а може да помогне и во градењето на концептот ‘Едно општество за сите’“, фино ѝ објасни Заев на јавноста.

Неодамна слично објаснување имаше и за кооптирањето на „експертот“ за странски инвестиции Љубе Бошкоски, некогашен угостител од Хрватска, а подоцна министер за внатрешни работи на Македонија и хашки затвореник за дело од истата таа 2001 година. Во Кабинетот на премиерот веќе се растрчале во набавка на поголем контингент шамивчиња за бришење на солзите-радосници кога ќе ги видат двајцата некогашни „лути“ непријатели, овојпат на иста страна – како „соборци“ за заедничката кауза: да ја направат Македонија подобро место за живеење.

Уште кога на двеве историски величини ќе им се додадат партиските јуришници, заедно со „шарените“ револуционери што јуришаа со презервативи со боја по омразените споменици и владини објекти, за потоа без проблем да се „насадат“ во нив како консултанти за „ОНО и ово“, веќе нема ни потреба од странски инвестиции. Кој ќе им работи? И без нив се испоотворија толку работни места во и околу Владата и невработеноста толку драстично почна да опаѓа што наскоро Македонија би се довела во ситуација да увезува работна сила. Оти во беспоштедната битка за „живот во Македонија“ премиерот секојдневно се соочува со какви не предизвици, за чие совладување се потребни квалитетни совети.

За таа цел, на пример, зошто да не се земе уште еден советник за радикален екстремизам од повратниците од Исламска држава? Ете идеална можност да се направи уште едно добро дело како со командант Хоџа, за кој милозливиот премиер полн со разбирање за неговите маки со право ќе праша зошто да не му се даде шанса на чесен начин да заработи лепче за него и за неговото семејство. Со еден удар ќе се отепаат две муви – ем повратников гарант ќе се пацифизира и нема да сече глави наоколу, ем ќе може да си купи не едно, ами едно илјада и кусур лепчиња со скромната платичка како владин советник.

Не можело, бидејќи како припадник на терористичка организација сигурно е на црната листа на САД? Па што? И командант Хоџа, и брат Љубе се, па ништо не им недостига. Токму како и на едно чудо пишувачи и спроведувачи на коминикеата од пред 17 години, кои сегашната „перјаница“ на Охридска група за побрза евроинтеграција на Македонија, а тогаш генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, ги нарече убијци и злосторници. Напротив, не само што добија амнестија, туку многумина од нив се интегрираа во државните служби преку рамковните вработувања додека си рекол – „килибарна лисица“.

Според тоа, кој и да си, кај и да си, во Влада да си. Или, роди ме мајко советник и фрли ме на буниште. Пардон, во Влада. Да е жив премиерот, ќе има барем за лепче. Море, за фурниче. За повеќе, ред е човек и сам да се погрижи. Та, не сме саде ние и не сме саде тука за владина помош. И великодушноста на шефот на владиниот кабинет со заедничките пари има граници.

 

Оставете Коментар