Македонскиот научник од светски глас Горазд Росоклија порача дека само од Македонците зависи дали зимата во Македонија годинава ќе дојде многу рано „за нас како народ, нација и македонска држава“ или за „инсталацијава на власт“!

„МАКЕДОНСКАТА ЗИМА ЌЕ ДОЈДЕ РАНО!
ОД НАС И САМО ОД НАС ЗАВИСИ ЗА КОГО?
ЗА НАС МАКЕДОНЦИТЕ И ЗА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА ИЛИ ЗА ИНСТАЛАЦИЈАВА НА ВЛАСТ СО ПРИФАТЕНА ЗАДАЧА ДА НЕ ИЗБРИШЕ ОД ПОСТОЕЊЕ?

Еден пријател Албанец од Зајас, ми го раскажа следново.

-Мојот дедо тргуваше со Јован Муратовски од Галичник.
-Тој ми е дедо, прв братучед на баба ми Неда-му одговорив јас.
-Во годините после војната (продолжи пријателот), мојот дедо му рекол на својот помошник, да оди во Галичник околу трговијата но и да го праша Јован Муратовски каква ќе биде иднината?
Помошникот отишол во Галичник, се сретнал со Јован Муратовски, ја направил трговијата, му го поставил прашањето и се вратил во Зајас.
Дедото на мојот пријател го прашал што му кажал Јован?
-Не ми кажа ништо, рече само дека зимата ќе дојде многу рано.
-Сѐ ти кажал-му рекол дедото на пријателот.
Таа зима, државата спровела одземање на имотите и на овците на сите што имале способност да ги создадат со ум и труд низ генерации.

Во истиот период, Јован Муратовски кому мајка ми му направила тотални протези, влегува во амбулантата и и вика:
-Невесто Блажеице (татко ми е Блаже), дојдов да ти ги вратам забиве (зобиве).
-Зошто да ми ги вратиш чичко Јоване, ако не ти чинат ќе ги поправиме.
-Не, зобите си се арни, овие (власта) сѐ ми зедоа, зобиве повеќе не ми требаат.

Зимата во Македонија овој пат ќе дојде многу рано!
На нас Македонците е да одлучиме дали ќе дојде рано за власта, или за нас како народ, нација и македонска држава“, напиша на својот профил на „Фејсбук“ професорот од Универзитет „Колумбија“ во Њујорк и член на Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) надвор од работниот состав.