Рубенс Муратовски: Навистина ли немате пари за завеси по училиштата?!

Актерот Рубенс Муратовски на својот профил на „Фејсбук“ изложува несекојдневен проблем што го отсликува актуелниот миг на македонското образование.

„Знам. Сум читал за проблемите во училиште. Ама, искрено, кога лично ќе ти го кажат, тогаш ја сфаќаш суштината.
Некако ќе проголтам купување од родителите на тоалет хартија, сапун и слични работи кои се потребни за хигиена на дечињата. Иако, и тоа е лудо. Ама, тукушто на родителска, или популарно наречена ‘бал вампира’, наставничките нè известија дека немаат завеси во училница?!? За да е понепријатна ситуацијата, самата наставничка вели дека ѝ е срам што тоа го кажува, дека не е в ред родителите да купуваат, внимавајте, завеси за училниците! Со главите надолу, и тие очигледно свесни за апсурдноста на проблемот. А проблем е. Им пречи и ним сонцето, а и на децата. Жена ми ми вика ‘не се буни, син ти баш до прозорец седи’. Е, ќе се бунам, бе! Срамота е. Понижувачки е. И син ми би ме разбрал да е повозрасен. Не давам пари за инвентар во државно, општинско училиште. А тие, од општина, се натопорија на прв училишен час да им честитаат на првачињата. А ваму завеси не купиле?!? Ама за сликање први се. Зарем навистина немате пари за завеси по училиштата? А? Затоа што јас колку што гледам има една нова спортска сала, која е постојано изнајмена и уште еден балон за фудбал, кој исто така е постојано изнајмен! Значи, какви такви, пари има. За завеси сигурно! Затоа, заработете си ги платите, кои ги добивате од граѓаните и под итно опремете ги училиштата каде и ваши деца одат“, напиша Муратовски.

 

SHARE