Руски експерт: Силно ќе ги притиснат Иванов и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Георгиј Енгелгарт, научен соработник на Оддел за современа историја на земјите од Централна и Југоисточна Европа при Институт за словенски студии на Руска академија на науките (РАН), предвидува силен притисок врз македонскиот претседател Ѓорге Иванов и врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ заради операционализирање на договорот со Грција и влез на Македонија во НАТО.

„Токму така – ќе биде извршен силен притисок, како одвнатре, така и однадвор, во прв ред врз претседателот Иванов, како и врз пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со цел некако да се оддели фракција и да се грабнат гласовите што им недостигаат. Тоа треба да се очекува во рамките на притисокот за промената на името на земјата“, вели Енгелгарт за рускиот портал „Евроазија дејли“ (eadaily.com).

Историчарот-балканист смета дека САД и водечките западноевропски држави во последните неколку години настојуваат да ја елиминираат „сивата зона“ во Југоисточна Европа надвор од НАТО, која ја сочинуваат Босна, Србија, Македонија, самопрогласеното Косово, како што вели, и до неодамна Црна Гора.

„Црна Гора неодамна беше вовлечена во Алијансата по кратка постапка, спротивно на волјата на мнозинството од населението. Во Македонија е малку поинаква ситуацијата, но влезот на земјата во НАТО требаше итно да се забрза и за тоа беше неопходно да се отстрани проблемот со Грција. Во Македонија, новата влада дојде на власт минатата година и не е никаква тајна дека таа е управувана однадвор заради забрзување на приемот на земјата во НАТО“, објаснува тој.

Во однос на најавите за референдум наесен, Енгелгарт е уверен дека ќе биде повторена приказната со тој за независност на Црна Гора.

„Населението во Македонија е поделено во две големи групи: словенско мнозинство (етнички Македонци) и албанската заедница. Притоа, Македонците по ова прашање се поделени приближно на половина, а албанската заедница ги поддржува позицијата на премиерот Зоран Заев, кој се залага за преименување на земјата, и барањата на Западот“, вели експертот од Москва и заклучува: „Ако референдумот биде спроведен од македонските власти под контрола на меѓународните организации, ќе се повтори приказната со црногорскиот референдум за независност, кога ЕУ го одреди критериумот според кој ќе го признае за успешен. И навистина, власта испорача до процент толку колку што ѝ беше наредено (55,5 отсто од излезените биле „за“ – н.з.). Според тоа, не може да се очекува референдумот да покаже неочекувани резултати“.

Откако ќе ја завршат работата со Македонија, фронтот ќе се премести кон Србија и Република Српска, која го спречува пристапувањето на Босна и Херцеговина во НАТО, додава Георгиј Енгелгарт.

 

SHARE

Comments are closed.