Обвинителката смета дека Нухиу можел да реагира на 27 април, а тој не е обвинет

Според обвинителката во случајот за 27 април Вилма Рускоска за двајцата обвинети кои што се пријавиле сами во Шутка после осум месеци немало да им донесе посебен пофлексибилен однос од Обвинителството, како и дека доколку имало таков, немало да бидат обвинети.

Дали тоа значи дека оние кои не се обвинети ниту пак повикани за сведоци, а се директно или индиректно очигледно некакви „учесници“ во сите случувања на 27-ми април, добиле пофлексибилен однос од ОЈО, без оглед на доказите против нив?

Бидејќи без оглед кој кога се пријавил, дали сам или бил приведен, ако има докази дека сторил кривично дело, не може по закон ОЈО да има никаков флексибилен однос – а обвинителката скоро и да рече дека тоа е можно, само двајцата шро се пријавиле по 8 месеци не се тие „среќници“.

За еден таков среќник говореше Рускоска на Топ Тема, а тоа е тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу.

На прашање од водителката дали Нухиу не можел сам да им се јави на специјалците да дејствуваат, Рускоска рече: „Да, можел“. За потоа да додаде дека на нејзино прашање зошто не го сторил тоа, тој одговорил дека во полиција има хиерархија и дека тој се обратил на луѓето кои по хиерархија биле задолжени за тие единици. Но – можел и тој, според Рускоска.

Зошто не е обвинет? Ова прашање, не само за него, е поставувано стотици пати, но заклучоците се извлекуваат сами и без многу објаснување.

Да потсетиме, пред неколку дена на снимките кои се прикажуваат во судот се гледа едно лице кое иако е од собраниското обезбедување, е нем посматрач на движењето на маскираните и немаскираните низ ходниците во Собранието.

Рускоска на прашање на судот кое е ова лице, дали е идентификувано, признава дека не му го ни знае идентитетот, односно и 18 месеци по започнувањето на истрагата за случајот, ОЈО не се обидело ниту да дознае кој е човекот кој ги гледа маскираните и не реагира никако – а не пак да помисли дека можеби и тоа лице има некаква одговорност и треба да биде предмет на истрага.

Меѓу другото Рускоска се сложи со констатацијата на водителката на Топ Тема дека обвинението за терористичко загрозување на уставниот поредок преку усогласени и координирани акции не држи вода без да се открие дали има нарачател на настаните, но додаде дека нема докази, ниту материјални ниту вербални, за такво нешто.

Рускоска уште еднаш се обиде и да ја „испере“ квалификацијата за тероризам, појаснувајќи дека иако обвинението по член 313 е за терористичко загрозување на уставниот поредок, кој член до 2008 година бил под членот Тероризам, луѓето кои се обвинети не биле терористи и биле обвинети затоа што преку насилство предизвикале чувство на страв кај популацијата.

Водителката поставуваше и прашања за инволвираноста на политиката во судството, што Рускоска категорично го отфрли на повеќе наврати.

SHARE

Оставете Коментар