Рутинска стартна победа на ракометарите против Турција

Македонските ракометни репрезентативци одиграа толку колку што е потребно за победа над Турција на стартот од квалификациите за Европското првенство во 2020 година, славејќи со 31:27 во Битола.

Капитенот Кирил Лазаров со осум гола беше најефикасен играч пред 4.100 гледачи во исполнетата сала во средбата од третата квалификациска група. Манасков постигна шест, Георгиевски, Стоилов и Талески по четири, Прибак три и Пешевски два.

Во следното коло в недела од 16 часот во Кожани избраниците на селекторот Раул Гонзалес ќе ги одмерат силите со Грција, која синоќа беше катастрофално поразена од Исланд со 35:21 во Рејкјавик.