Ружин: Шансите да поминат уставните измени во Собрание се 60:40

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, ги проценува на 60:40 шансите во Собрание да биде обезбедено потребното двотретинско мнозинство за промена на Уставот во согласност со Преспански договор.

„Постои одреден умерен оптимизам дека има луѓе во ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставни промени. Меѓутоа, постои страв од нивно изолирање и за нивната безбедност по евентуалното изгласување на тие амандмани на Уставот. Така што моите прогнози се дека постојат 60 проценти шанси дека ќе биде пронајдена солуција во рамките на Собранието, а 40 отсто се шансите дека ќе се оди на ппредвремени парламентарни избори. Ова другото никој не го посакува, бидејќи Владата е во временски цајтнот и се бара брз излез, гаранции за луѓето, а на крајот на краиштата се бара можеби и некое национално помирување, зошто овој референдум во голема мерка, на извесен начин, ја подели Македонија“, изјави тој за „Спутник“.

„Времето многу нè побрзува и сметам дека политичарите нудат решение за оваа лимбо ситуација во која се наоѓаме, бидејќи од една страна го гледаме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е во една чудна фаза на немоќ што било да каже или да направи, а од друга страна тука е дел од раководството кој е под разни судски процеси и кој мора, на извесен начин, да ја напушти политиката. Од трета страна, гледаме маса луѓе од актуелната власт кои сакаат да се најде решение. Така што се надевам дека оваа вистинска македонска ‘папазјанија’ или ‘македонска салата’ ќе најде дефинитивен излез од оваа непознатица“, додава некогашниот пратеник во два мандата и неуспешен кандидат на ЛДП на претседателските избори во 2009 година.

 

SHARE

Comments are closed.