„Ружни“ ви се дебатите за Уставот – Пишува Роберт Димитриевски

Јака јавнава расправа за обезмакедончување на највисокиот законодавен акт на тоа што се мислеше дека е држава на македонскиот народ, официјално позната како „јавна дискусија за нацрт-амандманите за измени на Уставот на Република Македонија“. Како во старите добри времиња на Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија (ССРНМ), сите дискутанти го кажуваат истото, само со други зборови. Демек, размена на мислења меѓу политичарите и интелектуалците за, по многу нешта, најважното прашање во македонската историја, а во суштина пријатно беседење на истомисленици, само без чај, со задолжителното „јас тебе војводо, ти мене сердаре“ на крајот. Баш како што ексамбасадорот во НАТО, Нано Ружин, измами насмевка на премиерот од уши до уши со констатацијата дека тој и неговиот грчки колега заслужуваат меѓународно признание, а брат Љубе промптно реагира со иницирање на громогласниот аплауз во амфитеатарот на универзитетот ФОН.

Каква надреална слика на крајно реалната закана за исчезнување на сè што го носи префиксот македонски во суштинска, етничка смисла на зборот, во новата геополитичка партија шах, во која домашните (ш)пиони на „големите сили“ ноншалантно жртвуваат фигура (идентитет) за квалитет (евроинтеграција). Каква пародија на институтот „јавна дебата“ за тема од општ, национален интерес, уште во првите две попатни станици од турнејата на клапата „Расприкажани Северџани“.

Кога еден од креаторите на Уставот од 1991 година, Фрчкоски, кој подоцна во него ќе открие фабричка грешка, па сам ќе се понуди и ќе учествува во нејзиното поправање по воената 2001 година, ќе ги оправда и овие уставни измени по диктат однадвор, како да станува збор за менување чорапи, а не за нешто што во држави што држат до себе не се менува со векови, тогаш што да очекува човек од министерот Димитров? Само пред неколку дена од собраниската говорница си дозволи да го навреди македонскиот народ, импутирајќи му дека „се работи за нација со комплекс“, за сега истиот тој народ неискомплексираниов (не)дипломатски да го убедува колку ќе му биде топло на душата кога еден ден ќе се разбуди во земја што се вика Северна?! Уште кога ќе зине нешто да каже за потребата од уставна ревизија Беса Арифи, за која Албанците се дискриминирани од Македонците, па кутрата таа од силна дискриминација станала само универзитетска професорка – крај на муабетот.

А, бе, цареви се. Од вкупно 14 говорници на петте предвидени дебати, ниту еден (и со зборови: нула) од спротивниот табор. „Не се сетија“ на Силјановска-Давкова, Ванковска, Маџунков, Апасиев, Котлар, Груевска-Маџоска, Ристова-Астеруд… За да не им го кршат раатот додека си одобруваат еден на друг сè што ќе бекнат пред одбраниот аудиториум, како што беа и вработени на ФОН „случајно“ во улога на прашувачи и, разбира се, одушевени што, ете, лично претседателот на Владата ги удостоил со своето присуство. Заедно со оркестрираниот аплауз, една милина од кохезија и инклузивност, што да ти раскажувам.

Па, сепак, послужувајќи се со речникот на „шарените“ – „ружни“ ви се дебатите, господа. За да ги разубавите, можевте да поканите барем некој од оние што „со чиста совест“ гласаа за отворање на Уставот. На пример, ексминистерката за култура, бидејќи ако некој знае што е (ест)етика, тоа бездруго е Бетка. Или Крсто можеше да ја пее македонската химна пред секоја јавна расправа, како уште една потврда дека со Преспански договор се зацврстува идентитетот…

 

SHARE

3 Коментари

  1. Чудо невидено! Како е тоа можно!? Роберт Димитриевски во чудо се чуди како тоа сите зборувале дека планетата Земја е топка и се врти околу Сонцето? Па зошто не ги викнале тие што тврдат дека Земјата е плоча и дека Сонцето се врти околу Земјата? Каква неправда!

Оставете Коментар