Сака ли Владата искрено успешен референдум – пишува Горан Момироски

Loading...

Ако се суди според низата постапки на Владата и премиерот Заев во последниве недели логично е прашањето дали навистина кај нив постои желба за успешен референдум или за работи за трик кој што бил употребуван и предходно во преговорите со Грција. Блеф кој треба да донесе нова ситуација во која ќе се бара трајно решение како што Илинденска беше блеф за да се објави промената на Уставот.

Причината за ова дилема се базира на неколку премиси.

Прво, толкава концентрација на скандали и гафови во владата во толку краток период не се случиле од независноста. За десетина дена дознавме за сериозни скандали во кои вицепремиер, пратеник, советник на премиер, партиски функционери на СДСМ се дел од, најблаго кажано, обид за кражба на државни пари, затоа што ако не беа фатени, најверојатно парите ќе беа земени од фондот за иновации. Дел од нив се уште не се вратени.

Второ, неверојатно е дека на силните 40 и згора експерти за пропаганда во владата не им текнало дека секоја глупа изјава на луѓето блиски на владата е тотално контрапродуктивна за исходот на референдумот.

Најдобар пример за тоа е Али Ахмети, шефот на половина влада кој со својата изјава дека ќе ја донесе албанската дијаспора ги испровоцира Македонците, дури и тие што предходно планираа да гласаат.

Во овој правец помогна и почитуваниот професор Малески кој иако не е дел од владата споменувајќи го зборот шизофренија во контекст на гласањето за ЕУ, НАТО и Преспанскиот договор автоматски направи непоправлива штета за таборот “ЗА” во кој се наоѓа и самиот.

Трето, како се случи резултатите од грантовите од фондот за иновации , процес кој обично трае со девении да бидат објавени токму пред закажувањето на референдумот.

Јавна тајна е дека во владата и во СДСМ уште пред 3 недели знаеле дека со објавувањето на резултатите ќе има скандал. И пак дозволиле да бидат објавени резултатите во кои на изненадување на сите нема претставници на ДУИ со што СДСМ стана покриминална и од тие што до вчера ги обвинуваше како режимски криминалци.

Четврто, нема упатен човек во здравствените кругови кој однапред не знаел дека тендерот од 35 милиони евра ќе донесе резил. И поради фирмата победник и поради клаузулите во тендерот и поради бојкотот на големите фармацевтски компании. А сепак јавноста токму пред закажувањето на референдумот дозна за скандалозниот тендер и дополнително се згрози во пресрет на 30 септември.

Петто, евидентното кршење на законот за референдум особено во член 120 но и во неколку други членови што може да биде санкционирано од Уставниот суд остава простор за дилемата дали власта сака референдумот да пропадне или да успее, иако ова навидум звучи како само уште една теорија на заговор.

Посебно прашање кое дава за право да се има дилема за вистинските намери на власта е референдумското прашање кое како и незадолжителноста на референдумот ги иритира граѓаните и ги турка кон таборот наречен “бојкот”.

Дали си за ЕУ – Да
Дали си за Нато – Да
Дали си за договорот – НЕ

Ова е најчестата комбинација од трите едноставни прашања слеани во едно крајно комплицирани што на обичен човек му го згадува целиот референдум.

Македонија ќе биде единствената земја која за влезот во НАТО и ЕУ ќе мора да комбинира различни прашања и со тоа целосно ќе ги збуни своите граѓани.

Ако се анализираат прашањата што други земји ги поставувале при влез во ЕУ и НАТО ќе се види дека секаде имало посебни прашања. Словачка и Словенија се добар пример за тоа.

Кај нас тоа е уште попотребно затоа што во 2030 кога според најавите би требало да влеземе во ЕУ сегашниот референдум може да биде целосно неважен.

Собранието наместо да формулира просто, користи манипулативно прашање за да ја исконтролира штетата од Преспанскиот договор ризикувајќи граѓаните со негласање што е законска можност, да го урнат референдумот. Тоа ќе биде пораз за владината политика и пад на владата ако премиерот стои на зборот според кој Заев ќе си даде оставка.

Иако законот е јасен и прави разлика меѓу задолжителен и консултативен референдум кои се распишуваат пред или по носење на одлука, Собранието спротивно на законските обврски формулира хибридно сложено прашање мешајќи го договорот со членство во ЕУ и НАТО за да изврши свесна манипулација кај граѓаните.

Странците кои ја охрабруваат Владата и парламентарното мнозинство да носи одлуки спротивно на законите и Уставот, немаат одговор колкави ќе бидат последиците ако граѓаните одберат тактика со негласање да го урнат договорот кој е услов за ЕУ и НАТО.

Свесни ли се во владата и нивните спонзори дека ова сценарио го јакне антиамериканизмот и евроскептицизмот и дава шанса на проруските елементи во Македонија, колку и да се тие слаби во моментов.

Кој ќе ја сноси одговорноста од неуспех со вакво манипулативно прашање?

Мнозинството граѓани се ЗА ЕУ и НАТО, состојба што е цементирана со едногласните одлуки на државниот и политички врв, но мнозинството граѓани се против договорот и во тој случај сосема логично е збунети од сите споменати моменти, да останат воздржани односно да ја изразат вољата со бојкот.

Во таков случај акцентот на страниците на меѓународните медиуми посветени на нас нема да биде “Македонија го отфрли договорот со Грција”, туку “Македонците не сакаат да влезат во ЕУ и НАТО”.

Таа грешка нема да можеме да ја исправиме со години. Кој тогаш ќе сака да прими земја која се дави во корупција на највисоко ниво со економски раст кој се мери со лупа и која згора на се и формално НЕ САКА ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕУ И НАТО.

3 Коментари

  1. А зошто би го подржале договорот со Грција? Или, кој е луд да го подржи договорот со Грција, ако тој не е услов да влеземе во НАТО и ЕУ? Или, што ќе ни е договор со Грција ако без договор можеме во НАТО и ЕУ? И уште илјада такви прашања ако договорот со Грција не е поврзан со членството во НАТО и ЕУ.

Оставете Коментар