Салтирова Давидовски: Заменете ги чоколадата за децата со позитивна комуникација

Ана Салтирова Давидовски е социјален работиник кој има магистрирано на менаџмент на човечки ресурси, Менаџер за човечки ресурси во АМСМ, NLP (неуролингвистичко програмирање) Тренер и Coach, Тренер за меки вештини, мајка на две прекрасни дечиња кои во неа ја разбудија желбата за адаптирање на знаењето стекнато во NLP едукацијата за најмладите со што се впушти во авантурата “Автор за деца”.

Во Македонија речиси и да не постојат дела од областа на личниот развој барем не од овој тип.


1. Како книгата ќе помогне да се постигне пресврт во подигнување на свеста за потребата од инвестирање во личниот развој и стекнување на нови алтернативни знаења и вештини?

Во конципирање на книгата не ми помина низ глава дали оваа книга би можела да направи пресврт во подигање на свеста за потребата за личен развој. Поривот да ја напишам книгата се јави од моето воодушевување од НЛП (неуролингвистико програмирање) методологијата и колку би било убаво ова да го научев многу порано.

Моите две дечиња во мене ја разбудија желбата за адаптирање на знаењето стекнато во НЛП-едукацијата за најмладите т.е. за унапредување на комуникацијата, за свесно насочување на креативната енергија, како да учиме од успехот и да го пресликаме во сопственото искуство, како подобро да се разбереме себе си и тие што нè опкружуваат се со цел да живееме среќно и исполнето и сето ова низ приказни блиски до децата.

Приказната ја започнав со книгата „Благодарам“ која е почетокот на серијалот на НЛП книги за деца. Она што сакав да го покренам со книгата е да размислиме за сопственото размислување, тој дар ни е достапен само на нас луѓето, без тој дар ние не можеме да го ажурираме мозокот како би можел да не подржува на нашиот пат и ќе шетаме наоколу со застарени или позајмени размислувања.

Исто како што сезонски го средуваме плакарот не помалку важно место за прегледување и средување е и нашиот начин на размислување, каде може ќе најдеме „работи“ кои во некое време биле добри за нас, но си ја завршиле својата функција и време е со почитување да се поздравиме со нив.

Другата работа што сакав да ја покрем со книгата е и Кампања за промена на фокусот на мислата, затоа што оваа интерактивна книга треба да им даде подршка на родителите во начинот на креирање навика за позитивно размислување, забележување и помнење на се она што е добро во нашите животи.

Оваа кампања може секој да ја подржи преку ширење на идејата за благодарноста, притоа за тоа не е неопходно да ја купи книгата. Исто така сакам да ги поканам и компаниите да ги збогатат новогодишните пакетчиња за дечињата со оваа книга.

Верувам дека со помалку чоколади и книга бенефитот ќе биде на двете страни, вработените ќе имаат квалитетно време поминато со своите деца во кое ќе согледаат дека имаат многу благодети, таквата позитивна состојба ќе се пренесе во компанијата, а сите знаеме дека среќни и задоволни вработени имаат подобри резултати, што индиректно позитивно ќе влијае на работата на компанијата. Не знам можеби сум оптимиста, но вистина верувам во нашата заедничка сила.


2. Кои беа твоите најголеми предизвици во процесот на создавање на книгата?

По патот се случија многу работи, но превагна мојата цврста одлука дека ќе уживам во секој чекор и сѐ што ме пресретна беше само ситуација која на овој или оној начин ја решив, на ништо не погледнав како на проблем затоа што решив да уживам во овој проект кој е проект за душа.

Делото го виде денот, на што сум посебно горда од една страна и благодарна на сите кои ми подадоа рака баш тогаш кога ми требаше и на сите што ми затворија врата за да тоа може да дојде баш во оваа форма и во ова време. Навистина верувам дека сѐ се случува со причина, се е за наше најголемо добро и дека тоа ни се лекциите што ни се потребни за да станеме подобри луѓе.


3. Која е публиката на која и ја посвети оваа книга?

Првичната целна публика се најмладите но навистина не би сакала да ја затворам листата. Од содржината на книгата може да имаат бенефит сите, единствено не верувам дека ова ќе биде интересно за тинеџерите.

Според мене оваа книга може да ја користи и целото семејство заедно, како специјален момент во денот за искажување благодарност, може да ја користи и возрасен за искажување на благодарност на понудените теми од двете позиции, големиот јас и детето во мене или пак да ја користат двајца возрасни, ако по „грешка“ се нашла кај нив.

Независно што приказните се детски верувам дека и возрасните можат да понесат бенефит од пораките што се наменети за децата. Секако она што ценам дека е исто значајно е што ќе остане спомен за тоа што ни било важно нам во тоа време и по повеќе години можеме да се навратиме како на споменар.

Од друга страна книгата може да се користи и повеќе пати па да се одреди месец на благодарноста и секоја година со детето да се поминува книгата и да искажува благоданост на темите, со што ќе имате можност да видиме како тоа расте и како созрева а и да видите и нам на што ни е фокусот.


4. Која е пораката која би сакала да ја пренесеш до читателите
?

Не треба да заборавиме дека покрај многуте работи кои ги обезбедуваме за нашите деца ние им го поклонуваме и нашиот став кон животот, што според мене е клучот кон (не)среќен живот.

Согласно тоа со оваа интерактивна книга позади која што стои методологијата на НЛП (неуролингвистичко програмирање – методологија за личен и професионален успех произлезена од истражувањата што е клучната разлика помеѓу успешните и не толку успешните луѓе и како да ја премостиме таа разлика) има за цел да им даде алатка на родителите да поразговараат со децата на различни теми, да видат како нивните деца размислуваат за истите, да стават фокус на позитивните работи во секоја од темите зошто неретко, преку својот пример, ги учиме децата да се фокусираат на работите што не се баш така добри, а работите кои се добри да ги сфаќаат здраво за готово – така треба.

Верувам дека ќе се изненадите колку децата се отворени за овој пристап и колку можеме од нив да научиме, за ова зборувам од личен пример и од пример на луѓе кои споделиле искуство од оваа практика, но ве молам немојте да ми верувате, пробајте.

Исто така сакам да се обидам да ги потурнам во нов правец на размислување со нови очи да погледнеме што се има околу нас и во нас, оној момент кога ќе го осознаеме новиот агол на работите кои не опкружуваат и работите што се во нас нема да можеме да се вратиме на стариот начин на гледање на работите.

Тогаш најголемиот број на проблеми ќе станат само ситуации кои ги решаваме. На самата промоција на книгата одржав и кратко предавање за истражувањата што стојат зад сево ова како би дала дел од одговорите на прашањата што и сама си ги поставував.

Фото: Маја Симовска

SHARE

Comments are closed.