Македонската дијаспора од Европа утре низ повеќе градови на стариот континент ќе го крене својот глас во одбрана на уставното име на татковината и на македонскиот национален идентитет, како и за итен прекин на разговорите со Грција.

Македонската заедница од Германија утре во 13 часот ќе демонстрира пред Бранденбуршка капија во Берлин под мотото „Само Сонцето е постаро од Македонија“. Собирот ќе биде во знак на поддршка за сонародниците што вечерта од 20 часот ќе протестираат пред Владата на Македонија во Скопје.

Антивладин протест и за поддршка на македонскиот народ во зачувувањето на името на македонската држава и на идентитетот ќе организираат и Македонците од Италија пред македонската православна црква во Нејве.

Со идентични пораки ќе настапат и македонските иселеници од Франција од 14 ч. на плоштадот „Трокадеро“ во Париз под мотото „Нашето име е Република Македонија“.

Еден час претходно, во 13 ч., за заштита на правата и на слободите на Македонците низ светот ќе се крене и македонската заедница воп Австрија, а собирот е закажан пред зградата на Обединети нации во Виена.

Заедничка нишка на сите македонски протести се барањата за: прекин на разговорите со грција за разликата за името на Македонија и продолжување на членството во ОН и во сите меѓународни организации под уставното име, отфрлање на Законот за употреба на јазиците што предвидува албанскиот да стане службен на целата територија на државата заедно со македонскиот, поништување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија „за промена на историјата на македонскиот народ“ и помилување на сите притворени во врска со настаните во Собрание на 27 април минатата година.

 

1 Коментар

Оставете Коментар