Се спроведува ли планот на ДУИ, близу 2 милиони евра за времени вработувања пред референдумот

Јавното претпријатие Комунална хигиена преку Агенцијата за привремени вработувања „Мотиви“, ангажира неодреден број лица за вработувања на рок од една година, за што ќе бидат одвоени речиси еден милион и 850 илјади евра.

На Договорот кој може да се најде на електронскиот систем за Јавни набавки, се гледа дека тој е потпишан на шести август од страна на Директорот на Комуналец Абдусамед Шабани и управителот на „Мотиви“ Норик Селими.

Вкупниот износ кој треба да се одвои за привремено вработените изнесува 96 милиони денари без ДДВ, а таа сума заедно со данокот достигнува над 113 милиони денари.

Простата математика вели дека со овие пари, со просечните плати во тој сектор, на годишно ниво можат да бидат ангажирани стотици лица.

Притоа агенцијата „Мотиви“, пресметува провизија од осум проценти на бруто износот на платите за секој месец од ангажирањето на овие лица.

Оваа агенција инаку се јавува како посредник при наоѓање на лица за привремена работа во разни сектори неколку години наназад, а слични Договори токму со ЈП Комунална хигиена има потпишано и во изминатите три години.

Алфа вчера објави дека се подготвуваат илјадници вработувања на партиски кадри во администрацијата, за обезбедување на максимална поддршка од албанскиот фактор за претстојниот референдум.

Од извори во албанскиот политички блок дознаваме дека ДУИ заедно со СДСМ подготвуваат стратегија за масовна излезност на Албанците, преку овозможување на примамливи договори за вработување кои од привремени би станале трајни, доколку референдумот успее.

Една од целите е да се допре и до гласачите на другите албански партии во земјава, кои на свој начин ги толкуваат потезите на владините партнери.

Пред два дена expres.mk го објави планот со кој ДУИ пред референдумот треба да вработи вкупно 2200 луѓе.

2200 нови вработувања: Стратегијата на ДУИ за референдумот