Младите имигранти во главниот град на Грција го продаваат своето тело за да преживеат, се вели во репортажата на американската Ен-би-си (NBC) .

19 годишниот Авганистанец, Кашим поминал околу 6,5 илјади километри низ Иран, Турција, Бугарија и Србија со намера да стигне до Германија, наишол на затворена граница во Унгарија, четири пати бил апсен во обид да ја напушти Грција со украдени или фалсификувани пасоши…

На крајот завршил на плоштадот Омонија во Атина каде се вртат млади кои бараат азил и го продаваат своето тело за неколку евра, се вели во репортажата од која делови пренесува грчка „Ефимирида“.

„Се срамиме, не сме геј, не ни се допаѓа она што го правиме. Но ако живеете на пат, треба да направите се што треба за да преживеете„, вели Кашим.

Тој открива дека цената за секс паднала на 5 евра, бидејќи има многу млади имигранти – дури и помлади од него – кои го продаваат своето тело за да преживеат.

Неговиот сон е да ја напушти Грција.„Атина е многу лоша, ако не стигнам во Германија, ќе се самоубијам“, му рекол 19-годишниот Авганистанец на новинарот на Ен-Би-Си.

Американската мрежа пренесува приказна науште еден Авганистан, Фазул, кој вели дека има 22 години, но Кашим смета дека нема повеќе од 17 години.

Фазул признава за Ен-Би-Си дека често има секс без кондом за да добие уште 5 евра, а Кашим коментира дека „неговиот мозок не е добар“.

Двајцата млади луѓе велат дека со тие пари обезбедуваат храна и цигари, а понекогаш дури и можат да изнајмат хотелска соба, во спротивно често спијат во паркови и плоштади.

„Моето семејство мисли дека живеам во најдобриот хотел во Атина“, вели Фазул, објаснувајќи дека не може да им каже што му се случува.

Според социјалниот работник, Тасос Сметопулос, појавата на секс за преживување датира од почетокот на 2016 година.

Според Ен-би-си во Грција има околу 3.000 малолетници без придружба, од кои 95 отсто се момчиња. Само 1.000 малолетници без придружба се згрижени во организирани структури.