Бранителот на титулата Германија е елиминиран уште во групната фаза на Светското фудбалско првенство во Русија со поразот од 2:0 против Јужна Кореја во последното коло, кој „панцерите“ ги закова на дното во групата Ф!

Четирикратниот светски првак притисна да постигне гол за триумф и пласман во осминафиналето, но примија два во судиското продолжение и неочекувано рано си одат дома. Ким Јунг-гвон го отвори резултатот во 92. минута, но погодокот прво беше поништен поради офсајд, за потоа да биде признат откако снимката покажа дека не е недозволена позиција, а точка стави Сон Хеунг-мин од контранапад откако голманот Мануел Нојер ја загуби топката во противничката половина.

Ова е првпат по 1938 година репрезентација на Западна Германија или на обединета Германија да не ја помине првата фаза на првенството, но селекторот Јоаким Лев не се согласува дека германскиот фудбал го очекува мрачна иднина.

„Не, не мислам така. Мислам дека имаме млади фудбалери, кои се многу талентирани, а некои од нив имаат потенцијал да напредуваат. Ова им се има случено и на други земји претходно. Треба само да ги извлечеме правилните заклучоци и да бидеме подобри понатаму“, изјави човекот што седна на германската клупа во 2006 година, во 2008 изгубија во финалето на ЕП, на СП 2010 беа трети и пред четири години светски прваци.

Во другата средба од групата Шведска го столчи Мексико со 3:0, но и двете селекции одат понатаму. Аугустинсон, Гранквист од пенал и автоголот на Алварез им донесоа убедлив триумф на Швеѓаните.

Бразил и Швајцарија се осминафиналисти од групата Е. Бразилците ја совладаа Србија со 2:0 со головите на Паулињо и на Тијаго Силва. Швајцарците, пак, ремизираа 2:2 со Костарика, водејќи двапати преку Џемаили и Дрмиќ, но противникот извади бод со головите на Вастон и на Сомер.

„Кариоките“ на 2 јули ќе играат со Мексико, а ден подоцна Швајцарија против Шведска.

 

SHARE

Comments are closed.