Единаесетмина членови на Европски парламент се потписници на отворено писмо до претседателот на Европски совет, Доналд Туск, во кое лобираат за Западен Балкан пред самитот задутре во Брисел и притоа пишуваат за „Северни Македонци“ и за „Северна Македонија“!

Скандалозното браќање до шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ преку Туск, кое на својата вебстраница го објави германскиот европарламентарец Кнут Флекенштајн, врие од неточни и некоректни формулации, како што е опишувањето на еден од потписниците Иво Вајгл од Словенија како „известувач за Република Северна Македонија“. А само пред неколку дена од Брисел порачаа дека ќе ѝ се обраќаат на земјава со референцата од Обединети нации до целосното усвојување на името од договорот со Грција, за кое основен предуслов да стане официјално е успешен референдум во Македонија наесен.

Покрај Флекенштајн и Вајгл, потпишан е и Словакот Едуард Кукан од тројката чести гости во Македонија, како и Словенците Тања Фајон, Алојз Педеле и Игор Солтес, потоа Романците Моника Маковеј и Кристијан Дан Преда, Хрватот Тонино Пицула, Британецот Дејвид Мартин и Британецот Чарлс Танок.

„Потпишан на брегот на Преспанско Езеро пред само неколку дена, договорот меѓу владите на Грција и на поранешната југословенска Република Македонија за решавање на нивните разлики во врска со спорот со името отвора возбудлива можност за Европа: да придонесе во спроведувањето на овој договор и да доведе уште една земја од Западен Балкан на патот на Унијата и, со тоа, да го посее семето на мирот и на просперитетот за цела Југоисточна Европа.

Овој избор за живот во мир и просперитет, регулиран со владеењето на правото и со ефективни демократски институции, ги обединува граѓаните од сите шест нации во Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Генерација млади Албанци, Босанци и Херцеговци, Косовари, Северни Македонци, Црногорци и Срби израснаа со депресивната перспектива дека билатералните спорови, горчливите сеќавања на војни во кои немаат удел и злонамерно злоупотребените верзии на историјата бескрајно ќе ја дефинираат нивната врска со своите европски соседи и ќе ги спречат нивните нации да ги градат своите општества и демократски институции. Со добра волја, потребната определба и јасно политичко гледиште, оваа тмурна слика наскоро би можела да биде минато“, пишуваат европратениците во писмото со кое барааат почеток на преговори со Скопје и со Тирана.

Писмото е испратено и до други врвни функционери на ЕУ, како и до амбасадите на шесте западнобалкани држави, меѓу кои и „Северна Македонија“, како што стои на крајот!

 

1 Коментар

Comments are closed.