Чуму толкава пизма и исчудување по објавата на Зоран Заев дека со Алексис Ципрас склучил договор што „го зајакнува македонскиот идентитет“ (?!), а во суштина ја лапнал целата грчка јадица, топтан сосе ерга омнес, менување на Уставот, дерогирање на Македонците во „граѓани на Република Северна Македонија“, откажување од сонародниците надвор од границите на државава и што ли уште не? Зарем некој имаше сомнеж дека ќе биде прифатен комплетно грчкиот ултиматум од тие што зборуваа едно за речиси сè во државава пред преземањето на власта, а постапија спротивно откако заседнаа во удобните фотелји? Божемното истрчување со „Илинденска Македонија“ им беше само подготовка на јавноста за завршниот удар.

Но, тоа е веќе минато и сега е беспредметно да се губи време за тоа „шчо напраифме“, а последен час да се види „шчо требит да напраиме за однапред“, како што ќе рече Крсте Петков Мисирков во своето дело „За македонцките работи“. Поинаку кажано, што може да се стори пред да биде предоцна.

Прво и основно, во старт треба се расчисти со илузијата дека пратениците Македонци од СДСМ и од партнерите во владината коалиција би можеле да гласаат во Собранието спротивно од налогот на партискиот шеф кога договорот Заев-Ципрас ќе дојде на дневен ред. Доказ за тоа е нивното однесување при насилното „донесување“ на Законот за употреба на јазиците, кога за официјализација на албанскиот и во средините каде што не живее ниту еден Албанец гласаа и пратениците избрани таму, па дури и еден Србин!

Второ, гледано од чисто легалистички аспект, претседателот Ѓорге Иванов единствен има механизми да го блокира спроведувањето на договорот со тоа што не би го потпишал указот за стапување во сила на законот за ратификација на договореното меѓу македонскиот и грчкиот премиер. Исто како со Законот за јазици, кој токму поради неговото „џебно вето“ сè уште фаќа прашина во фиоката на шефот на државата. Со тоа би се купило време најмалку до следните претседателски избори во април в година, а времето (читај: одложувањето) во моментов е, дефинитивно, најефикасното оружје. Не рекле бадијала: подобро е да се спречи, отколку да се лечи. Откако речиси двесте држави во светот ќе почнат да ви се обраќаат со ново име, одете па вратете го тркалото назад.

Во контекст на законите и на процедурите, голема наивност би било да се очекува Уставен суд да го оспори договорот. Истата таа институција задолжена за спроведување на највисокиот законодавен акт ден-денес не реагира за флагрантното кршење на „мал милион“ одредби при „изборот“ на Талат Џафери за спикер на Парламентот, игнорирајќи ги претставките од здружението на правници од Битола и од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ доставени пред цела една година.

Уште поголема кусогледост е ако противниците на договорот мислат дека ќе го урнат на референдум. Примерот со изјаснувањето на граѓаните за територијалната поделба, кое пропадна поради недоволната излезност по минирањето од власта со повикот дека „некои прашања не заслужуваат одговор“, покажува што може да се очекува кога СДСМ организира референдум. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека за името треба да се изјаснат граѓаните на референдум, потврден и од лидерот Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција преку изјавата дека ќе гласал против „капитулацијата“ што ја потпиша Заев, како што ја нарече, води само кон реприза на претседателските избори од 2004 година. Одлуката на тогашната опозиција да не ги бојкотира и да излезе со свој кандидат (Сашко Кедев) директно му помогна на Бранко Црвенковски да го надмине долниот праг на излезност (во вториот круг таа беше само 53,6 отсто) и премиерскиот кабинет да го замени со претседателскиот.

Настрана моралната димензија на изјаснувањето на оваа генерација Македонци за нешто наследено од предците со аманет да им се остави на идните генерации, референдумот за името има реални шанси да биде позитивен со учество и на опозицијата. Извесно е дека огромен дел од Албанците ќе го поддржат преименувањето, а тоа може да се очекува и од добар дел од другите помали етнички заедници, од проста причина што ним не им е загрозен идентитетот со новото име. Не е за занемарување ни надежта за лична корист од откочувањето на евроатлантските процеси за (Северна) Македонија.

Конечно, и да не успее референдумот, истата оваа власт ништо не ја спречува во најскоро време да организира нов по урнек на Република Ирска, чии граѓани се „поправија“ само една година по „погрешната“ одлука да го отфрлат Лисабонскиот договор.

Протестите или повиците за граѓанска непослушност (неплаќање даноци и сметки, невадење документи со новото име и сл.), речиси сигурно нема да сменат ништо, ако зад нив не застане најголемата опозициска партија. Судејќи според нејзиниот однос кон самоиницијативните форми на изразување на незадоволството на граѓаните изминативе месеци, од ВМРО-ДПМНЕ во моментов е тешко да се очекува такво нешто.

Сума сумарум, кој пат да се фаќа? Споменатите вето од Иванов и бојкот на референдумот се двете можни опции. Третата би била индивидуална тужба пред Судот за човекови права во Стразбур од секој Македонец против државата и претставниците на сегашната власт поединечно поради загрозување на основното човечко право на самоопределување. Со оглед на тоа дека за такво нешто треба пари, ете можност за подобро стоечките Македонци, каде и да се, на дело да ја покажат декларираната љубов кон татковината.

Во меѓувреме, борбата не смее да се сведе само на жестоки пораки и на мудрувања на социјалните мрежи и да се чека дека некој друг ќе дојде за да ги спаси „патриотите на батерии“ од тоа што им го подготвуваат. Секој што чувствува нешто за Македонија и за македонскиот народ, секој кому му значи нешто ова парче македонска земја, доволно е само да нурне во сопствената душа и сетики ќе најде начин за личен придонес во најважната битка на Македонците во нивната историја. Кога, ако не сега?

 

SHARE

Comments are closed.