Шешељ: Џафери е проблем на Македонија, јас немаше да го поканам

Посетата на македонскиот собраниски спикер Талат Џафери на Белград не му се допадна на лидерот на Српска радикална странка, Воислав Шешељ, кој се чуди кој го поканил командантот на поранешната ОНА.

„Да сум претседател на Собранието на Србија, јас немаше да го повикам. Србија настојува да има колку-толку пристојни односи со Македонија, нам ни е цел да останеме во добри односи со Скопје, а тоа што тие го избрале него е проблем на Македонија, а не на Србија“, изјави српскиот пратеник.

Џафери избегна да му реплицира на Шешељ во интервјуто за српската телевизија Н1, прашан како ќе му одговори на лидерот на радикалите за тоа што го нарекол терорист и на неговото јавно поставено прашање кој го поканил во Белград.

„Немам потреба да му одговарам никому. Не сум овде на покана од политичките партии, туку по повикот од соодветната институција, Парламентот на Србија, т.е. по покана од претседателот на Парламентот. Мислам дека е одвишно да се одговори на такви прашања и на такви дилеми“, одговори тој, додавајќи дека „не се оптоварува со ништо странично“.

 

SHARE

Comments are closed.