Шилегов до обвинетите за 27 април: За многу години (преглед на денот)

Судењето за 27 април продолжи со сослушување на двајца сведоци, Мухамед Зекири и Петре Шилегов.

Како и со претходните пратеници кои беа сослушувани од обвинителството, истиот терк следеше и во испрашувањето од обвинителството кон овие сведоци – со прашања за тоа дали лесно се снаоѓале во Собрание кога прв пат влегле и прашање да објаснат што се случувало во прес-салата.

Иако обвинителството своето обвинение за Терористичко загрозување на Уставниот поредок на Република Македонија го базира на тезата дека сите обвинети имале заеднички усогласени дејствија со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, во судот работите одеа поинаку – барем кога е во прашање она што обвинителката се обидува да го докаже.

Таа не ги прашува сведоците за изборот на Џафери, туку започнува да ги испрашува од моментите кога се одржуваше прес-конференцијата по изборот.

„Трикот“ тука е што иако во обвинението зборува за политички мотиви и обид за спречување на изборот, на суд како обвинител кој поставува прашања, не поставува ниту едно единствено за изборот на Џафери.

Уште повеќе, обвинителството се труди од петни жили да спречи било какво прашање од одбраната кое ќе резултира со одговор „Да, го избравме Талат Џафери за претседател“. Иронично, она со што СДСМ се фалеше, сега како да го крие и се обидува да не го зборува на суд.

Обвинителката поднесува приговори на сите обиди на одбраната да се добие одговор кој ќе влезе во записникот, а е очигледен факт за јавноста: Талат Џафери непопречен од никого беше биран за претседател на Собранието, после што се одржа прес-конференција на која се надоврзаа немилите настани во Парламентот.

Веројатно знае и самата дека доколку тоа стане ноторен факт за судот, како што е ноторен факт за јавноста, обвинението дека 33-цата обвинети имале усогласени дејствија и намера да го спречат изборот на Џафери – ќе се сруши како кула од карти, што и единствено може да се очекува за вакво обвинение базирано на безброј претпоставки, без никакви докази за она за што се товарат обвинетите, а тоа е Тероризам односно Терористичко загрозување на уставниот поредок.

Кога ќе се разберат вака работите и ќе стане јасно дека, на пример, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не само што не го спречиле изборот на Џафери за што се товарат, туку и „му направиле кворум“, како што забележаа адвокатите во воведните зборови, ќе се отворат и многу прашања за мотивите за ваквото обвинение без никаква реална подлога, односно зошто Вилма Рускоска и Обвинителството упорно сакаат да го убедат Судот во нешто што не постои, односно во дело кое не се случило.

Запрашани од одбраната во вкрстено испрашување дали го избрале Талат Џафери за претседател, односно дали Заев на прес-конференцијата соопштил дека е избран Џафери, Мухамед Зекири и Шилегов даваа помалку и комични одговори од типот: „Сите видовте на телевизија за што беше прес-конференцијата“, „Не џабе плаќате радио-дифузна такса за да поставувате вакви прашања“, и најкомичното од Шилегов: „Прашајте го утре Заев кога ќе сведочи, не сакам да зборувам за што зборувал Заев на прес-конференцијата“.

Шилегов беше прашан и „Од која позиција Џафери давал изјава на прес-конференцијата“, при што повторно се обиде да избегне одговор, често навлегувајќи во зоната на навреди кон одбраната, односно обвинетите.

Па така, луѓето кои протестираа ги нарекуваше „дива орда задоена со фашистичка политичка идеологија“, на што му реагираше обвинетиот Јане Ченто кој посочи дека е правнук на претседателот на Антифашистичкото Собрание за Народно Ослободување на Македонија (АСНОМ), на што Шилегов возврати повторно со навреда велејќи дека „секоја добра семка не дава здрав плод“.

За ваквите испади Шилегов беше и опоменат од судијата, иако се доби впечаток дека постоеше реален основ и да биде казнет поради честите политички говори и обвинувања за фашизам кон обвинетата „дива орда“.

На заминување од салата Шилегов (вон записник) дофрли: „Ајде, да е за многу години“, во својот препознатлив арогантен тон кој многупати досега ги одбележал неговите официјални и неофицијални настапи. Со овие зборови Шилегов посака долгогодишни затворски казни.

Сепак, со таква храброст, „досетливост“ и квалификативи не се расфрлаше кога упорно беше прашуван дали на 27-ми април гласал за Претседател на Собранието на Република Македонија, туку молчеше и „се криеше“ од вистината која ја виде милионски аудиториум не само во Македонија, туку и низ целиот свет.

Немилите настани кои следеа се за секаква осуда, но вистината е дека ништо од тоа што се случи не можело да биде насочено да го спречи изборот на Џафери бидејќи истиот веќе се случил и завршил долго пред граѓани да влезат во Собранието, а помал дел од групата да изврши и насилни дејствија кон пратениците во прес-салата.

Интересно, токму Шилегов е еден од првите, ако не и прв кој ја „измислил“ квалификацијата Тероризам на прес-конференција на 29-ти април 2017-та

Она што е забележливо е дека ниту на таа прес-коференција Шилегов не зборува за некаков обид да се спречи изборот на Џафери, туку според него тероризам е насилството вз пратениците во законодавниот дом.

Сегашното обвинение изгледа како да било нарачано од Шилегов, но дотерано од ОЈО со обид за некаква „пореален опис на делото“ кој би имал некаква логика – барем на хартија, која, нели, трпи се’.

Тоа што напишаното на хартија нема допирна точка со реалноста е работа на судот да го утврди, или пак на обвинителството кое може да се повлече од оваа квалификација поради недостаток на докази.

1 Коментар

Оставете Коментар