Шилегов ќе ја зголеми градската администрација за нови 19 луѓе

Нови 19 административци ќе бидат вработени во Град Скопје, со што бројот на новоангажирани луѓе во градските сектори откога Петре Шилегов минатиот октомври стана градоначалник на главниот град пораснува на 44.

На својата седница одржана на 27 декември 2017 година Совет на Град Скопје даде согласност за нови 52 вработувања, меѓу кои 22 административци и 30 пожарникари. На седницата одржана во март годинава, пак, бројот се зголеми за дополнителни 20 пожарникари и 3 административци.

Со годишниот план за вработување, кој денеска е на дневен ред на седницата на Град Скопје, вкупниот број на нови вработувања е 94 лица, од кои 44 во администрацијата и 50 пожарникари, за кои конкурсот треба да биде објавен следниот месец и тие да ја засилат пожарникарската служба до крајот на годинава.

Две од новите вработувања се директно кај Шилегов, односно во секторот за поддршка на градоначалникот, и тоа помлад соработник за односи со јавноста и помлад соработник за организација на активностите на градоначалникот. Претходно, откога тој е на функцијата, негови нови директни соработници станаа осуммина: раководител на одделение за односи со јавноста и информации за граѓаните, раководител на секторот за поддршка на градоначалникот, помошник раководител на секторот за поддршка на градоначалникот, раководител на одделението за координација на активностите на градоначалникот, помошник раководител на секторот за поддршка на градоначалникот, помлад соработник за организација на активностите на градоначалникот и виш соработник за координација на активностите на градоначалникот.

 

SHARE