Шилегов со нов „монументален“ проект

Откако направи скапа журка за префрлање на автобуска станица за 70 метри во ГТЦ, скопската администрација се пофали со нов проект кој е наменет за алкохоличари или љубители на добра капка.

Градоначалникот на Скопје сака да му помогне на секој скопјанец кој ќе резервира во ресторан преку платформата Ресторани.мк.

Тие што ќе испијат повеќе ќе можат да користат бесплатен такси превоз за враќање дома по забавата.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска презентираше нова кампања за безбедност во сообраќајот, која наиде на силна осуда во јавноста.

– Град Скопје реши да го поддржи овој настан заедно со АМСМ и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата од причина што безбедноста на учесниците во сообраќајот во Скопје е во редот на нашите врвни приоритети. Многу ме загрижуваат бројките на пијани возачи во Скопје. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки не е воопшто чудно што сме на дното на листите за безбедност на улиците во европски рамки – изјави Шилегов во своето обраќање.

Според проектот секој скопјанец кој ќе резервира во ресторан преку платформата Ресторани.мк, ќе може да користи бесплатен такси превоз за враќање дома по забавата.

Градоначалникот Шилегов тврди дека целта на оваа кампања е да се зголеми свеста кај граѓаните за да бидат одговорни учесници во сообраќајот и да не ги возат своите автомобили кога имаат пиено алкохол.

– Јавниот превоз работи до доцна во ноќта, такси цените се релативно евтини во споредба со други градови, а сега нудиме и можност за бесплатно такси. Во вакви услови сметам дека овде веќе не може да се има никаква толеранција за возење под дејство на алкохол – истакна Шилегов.

Оваа кампања предизвика бура на реакции меѓу граѓаните кои прашуваат дали Шилегов планира да дава ваучери и на уживатели на лесни и тешки дроги.

SHARE