Алистер Стјуарт, слободен шкотски новинар во својата статија за Македонија и за Преспански договор објавена во весникот „Скотсмен“ го критикува профаќањето на грчките барања од Владата на Заев, нарекувајќи го „катастрофална пирова победа“.

Текстот е долг, но побудува интерес уште со воведот и се чита во еден здив, па го пренесуваме во целост:

„’Од каде сте?’, праша нашиот келнер во полниот бар во Калитеја. ‘Јас сум од Америка, мојот пријател е од Холандија, а мојот партнер е од Шкотска’, рече мојата македонска свршеница. Подобрата половина ме удри под масата. Грчкиот келнер се ракуваше со нас, ни ја зеде нарачката и си замина со насмевка.

Моето неверување се претвори во гнев. ‘Зошто, по ѓаволите, го кажуваме тоа?’ Братот на мојата свршеница промрморе со гест за замолкнување: “На нивен терен сме, па, што можеме да направиме?’. Тој суптилно покажа кон соседна маса и тивко преведе. Група Грци со море од празни чаши гласно го осудуваа ‘тоа место’ полно со ‘никаквеци’ по патот.

Скротувајќи го мојот темперамент пред експлозија (спротивно на борбениот гард на телото), добив уште еден удар. ‘Има време за да се моча врз огнот и време за да им се дозволи на кучињата да лаат’, рече мојата идна сопруга. Калите,а, на крајот на краиштата, беше само еден час подалеку од земјата за која станува збор.

Овој инцидент беше дебатата за името на Македонија во едно. Дека двајцата добро образовани и прошетани Македонци можат да бидат сведени на тоа да го кријат своето потекло беше тешко да се глерда. Не се срамеа, токму спротивното, но имаше чувство дека ако кажевме оти сме од Македонија би предизвикало проблеми, ако не и насилство.

Минатиот месец Преспански договор меѓу Грција и Македонија за таа да стане ‘Република Северна Македонија’ дојде пред нејзиниот народ, на кој му беше поставено референдумско прашање: ‘Дали сте за членство во Европска унија и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?’

Меѓутоа, прифаќањето на Преспански договор никогаш не гарантираше такво нешто. Поставувањето на прашањето на таков начин од администрацијата на премиерот Зоран Заев беше ужасно искривување. Приклучувањето кон НАТО и кон ЕУ е предмет на долги и условени процеси на ратификација и сите предлози треба да бидат одобрени и од македонскиот парламент.

Одлуката на Владата на Заев да се согласи со грчките барања е катастрофална пирова победа. Преспански договор опасно и без преседан го става македонското образование во рацете на академски заговор. Членот 8 наведува дека ‘заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања треба да ја разгледа објективната, научна интерпретација на историски настани врз основа на автентични, доказни и научно цврсти историски извори и археолошки наоди.’

Но, има неколку универзално договорени историски ‘факти’. Уште од самиот Создател, секој академик и секој политичар има поинакво мислење. И позитивно орвеловски е да се предаде контролата врз историјата и врз учебниците на мала група академици, кои треба да бидат ‘надгледувани од министерствата за надворешни работи’ на двете земји.

Каде ќе заврши тоа? Дали оваа цензура ќе се прошири на книгите, на работата на историчарите и на филмаџиите? Ако има отстапување од утврдената историска догма на комитетот, дали книгите ќе бидат забранети?

Социологот Ернест Гелнер вели дека образованието и јазикот се двата најистакнати дела од градењето на нацијата, бидејќи тие ја дефинираат земјата во главите на младите луѓе.

Членот 7 го потврдува грчкото потекло на термините ‘Македонија’ и ‘Македонец’ и оди дотаму што вели дека јазикот на ‘Северна Македонија’ доаѓа од групата ‘јужнословенски јазици’. Исто така, се наведува дека службениот јазик и другите атрибути на ‘Северна Македонија’ не се поврзани со античката грчка цивилизација или со историјата на северниот регион на Грција.

Да се даде моќ во рацете на политички контролирани академици за декрет што е ‘точно’ е позитивна дистопија. За да се има потоа таква програма за директно влијание, треба да се свитка ‘рбетот на секој кој студирал диктатура или прочитал ‘Фаренхајт 451’.

‘[Комитетот] ќе ги разгледа и, ако смета дека е соодветно, ќе ги ревидира учебниците и училишниот помошен материјал, како што се мапи, историски атласи, наставни водичи, кои се користат во секоја од страните, во согласност со принципите и целите на УНЕСКО и на Советот на Европа’, се додава во договорот.

Како Шкот, ова изгледа мрачно. Повеќе од 300 години Шкотска е дел од политичка унија со Англија, која, теоретски, требаше да го зафати нејзиниот национален идентитет пред многу години. Шкотска си го зачува националното самочувство пред сè поради тоа што нејзиниот образовен систем секогаш имаше шкотска димензија. Сепак, шкотската образовна автономија, повремено бараше политичко отфрлање на контролата од Вестминстер.

Во својот прв говор во Долниот дом во 1945 година шкотскиот пратеник Роберт Мекинтаер вели: ‘Дали сакаме образованието во Шкотска да помогне да се подигнат шкотски граѓани или сакаме образованието да создаде раса на послушни северни Британци?’ Ова е предупредување до Македонија. Шкотска задржала доволно критични компоненти од формирањето на идентитетот од 1707 година за да избегне да биде вклучена во централизиран британски систем. Следните шкотски оддели во Владата на Велика Британија ја контролираа Шкотска, па воспоставувањето на пренесениот шкотски парламент од 1999 година во голема мера вклучуваше предавање на постојните образовни, здравствени и правни портфолија. Националниот идентитет не мораше да се гради од нула.

Македонија не се обидува да се отцепи, тоа е суверена држава која се обидува да преживее и може да го стори тоа само со заштита на својата историја. Сепак, нејзината актуелна влада слободно ги предава средствата за да го стори тоа за ветувањето дека можеби ќе добие пристап до НАТО и до ЕУ.

Следните грчки влади и општиот јавен дискурс ја опишуваат поранешната југословенска република како бениген тумор. Тоа е политичка ревност и културна посветеност која се претвори во радикален грчки национализам. Грција не сака да бара македонска територија, но се чини дека настојува да ја понижи.

Некои Грци го обвинуваат премиерот Алексис Ципрас дека ја предал својата историја признавајќи го постоењето на македонскиот јазик и дозволувајќи името ‘Македонија’ воопшто да го користи ‘таа’ земја. Социјалното табу да се каже дека сте Македонец во Грција е само последна форма на културно вознемирување, ако не и целосно сузбивање. Грција одбива да става печат врз македонските пасоши на граничните премини, бидејќи не ја признава земјата. Правото на Македонија на културно самоопределување е осудено и меѓународно блокирано, трговските ембарга функционираа, а македонскиот јазик беше забранет во Грција со децении. Тоа е тажна нишка на предрасуди што постоеја од 19 до 21 век.

Веќе две години сум свесен за уникатноста на моето посвоено наследство. Моите нови роднини ја потрошија сета енергија за да ми искажат добредојде, пополнувајќи ги моите историски слепи точки и со гордост ме поучуваа за македонската култура. Кога стапуваш во брак, се земаш со личност, но е неразумно да се мисли дека не се земаш и со неговото наследство. Такво невнимателно препуштање на македонската култура на бирократите е непростлива глупост“, пишува Алистер Стјуарт во написот во „Скотсмен“ насловен „Северна Македонија? Не ме прави ‘Северен Британец’!“.

SHARE