Шопов од Харвард: Да му е страв на човек да каже што мисли за референдумот

Со нерешавање на загадувањето на воздухот во Скопје и останатите градови (односно толерирање на загадувачи и градежна мафија), отворањето на 86 рудници со отворен коп и ред други работи кои ја зголемуваат корупцијата и ја претвораат земјата во темпирана токсична бомба која со нивото на корупција и непоправливоста на создадените еколошки проблеми нема никакви шанси во иднина да биде член на ЕУ, пишува Александар Шопов дипломец на универзитетот Харвард.

“Ставот дека само со влезот во ЕУ ќе се подобри економска состојба и остава на политичката и економска елита неограничено време да го прави тоа што го сака, односно непречена акумулација на капитал на сметка на интересот на мнозинството граѓани. Поради ова и нема вистинска јавна дебата во последната година околу погубните политики на претходната власт кои како што гледаме продолжуваат. За жал ја немам прочитано книгата (ако има некој pdf нека пушти ако не му е тешко) и тешко е да се направи претпоставка како он би се изјаснил денес, вели Шопов за првиот претседател Киро Глигоров кој смета дека обидот за неговото насилно елиминирање од политичкиот живот бил во период кога тој негодуваше против корупцијата, а особено нелегалната трговија на северната граница, а од друга страна под постојан притисок да се промени името.

“Само еднаш го имам сретнато и ми остави впечаток на многу скромен човек. Можевме да разговараме за многу работи, но тој сакаше да зборува за прадедо ми кај кого татко му го носел да ја потшиша косата. За штипскиот еснаф. И во Истанбул ми кажуваа дека постојано кога бил на посета во Турција одел кај некој штипски берберин кој се иселил од Македонија. Беше скромен човек. Ако добро се сеќавам не беше поврзан со ниеден корупциски скандал, а имаше многумина коишто го мразеа. Што се однесува до договорот мислам дека тоа не е крај на спорот. Работата на заедничката комисија која ќе се создаде со цел да бара иредентистички референци во учебници и мапи може да трае до недоглед и не е прецизно дефинирано што значи иредентизам.

Дали изучувањето во средните училишта на Првиот конгрес на Антифашистичката младина на Македонија создаден во Фуштани ќе се сфати како иредентизам? И мислам дека тоа би било проблем бидејќи грчката влада и политичари го идентификуваат тој иредентизам со употребата на македонските верзија на топоними и географски називи во северна Грција. Дали можеби антифашистичката историја на Македонија ќе се сфати како иредентизам бидејќи македонските комунисти соработуваа со грчките за време на граѓанската војна?

Тоа е заедничката историја на македонскиот и грчкиот народ и е прогресивна. Не учи да не бидеме шовинисти. И барањето на иредентизам не е само проблем за македонските учебници туку и турските и албанските. Селаник е градот во кој се родил Ататурк. Салоника е градот каде мнозинство до Втората светска војна се Евреи. Во Скопиа живееле во минатото и Грци. Со елиминирање на овие називи на различни јазици се уништува меморијата за присуството на “другиот”. Тоа е само зајакнување на национализмот. Има многу недоречености во договорот кои поради непостоењето на демократска атмосфера и дебата не се дискутираат.

Дури да му е страв на човек да изнесе мислење. Ќе те обвинат за припадник на странски служби. Но сето тоа оди во прилог на една пракса од која малкумина профитираат. Сите битни одлуки последниве децении се носат во мали простории со неколкумина присутни. Не е транспарентно, отвора сомнежи, се прават пропусти, се поттикнува корупција и најчесто се носат лоши решенија. За жал тоа не е патот до едно демократско општество”, заклучува дипломецот од Харвард.

SHARE