Што ќе речеше денес Илија Милчен, писмо од негова асистентка на 100 години од раѓањето

Кон стогодишнината од раѓањето на големиот крепител и чувар на македонскиот јазик Илија Милчин

„Значи, ако јазикот ни е единствена татковина, како што ни остави завет Блаже Конески дојде час поскоро да ја вклучиме за употреба и лексиката од нашите егејски и пирински браќа, и во најбрз можен рок, да создадеме клима во која секој образован Македонец, кој зборува на лош, нечист и беден во изразното богатство јазик, ќе биде изложен на потсмев, ако не и на презир. А зошто само ние такви колнатици кои одиме против себеси и сме упорно вљубени, та пекаме по се што не е наше туку купечко“?

-Илија Милчин 2000 година

Драг професоре, знам дека таму негде не сте мирен со состојбава во државава и знам дека толку многу недостигаат Вашите ставови околу јазикот.

Се присетувам со каков жар говоревте на часовите за Кузман Јосифовски Питу, за Панко Брашнаров, Конески, Мисирков, за Даре Џамбаз, Венко Марковски, Киселинов, Шоптрајанов и мнозина други.

Едно сигурно знам – тој што ве слушаше многу научил, тој што не слушаше многу изгубил.

Професорот Илија милчин е директен учесник во многу настани поврзани со кодификацијата на македонскиот литературен јазик, и неговото писмо.

Како директен учесник на јазичните преговори во Врановци, Милчин во 1944 година ќе каже: „Мнозинството од нас, учесници во јазичните дискусии во Горно Врановци во септември знаевме дека Даре Џамбаз, во бугарскиот затвор има наврт на македонската граматика и азбука. Др. Шоптрајанов беше еден од ретките лингвисти кои знаеа за Мисирков. Јазичните дискусии ги водеше Конески. Ова беше во надлежност на поверенството за информации раководено од Панко Брашнаров и 54 души. Речиси до крајот работеа Џамбаз и Венко Марковски.

Пред Мисирков ние немаме празен простор, ниту во јазикот ниту во литературата. Сосема е неточна измислицата на Димитар Гоцев, сегашниот претседател на Македонскиот нациионален институт во Софија кој е сега сосема бугарски, дека сите наши преродбеници од 19 век од Пејчиновиќ до Цепенков се најбугарски дејци“.

„А и најповршната анализа на нивниот јазик покажува недвосмислено дека тоа не е бугарски јазик. Прличев на пример, никогаш не научил добро бугарски, па на своите ученици во Солун главно им предавал на охридскиот говор.

Што пак да се рече за македонското учебникарство на Шапкарев или за Лоза на Петар Поп Арсов и на Даме Груев, обајцата меѓу основачите на ВМРО? Што се однесува до Чернодрински, сосема е јасно дека тој блиску соработувал со Мисирков.

„Македонска Крвава свадба” е премиерно играна во Софија во 1900 година и веднаш потоа е отпечатена. Во книгата Војдан Чернодрински напишал и упатство за идните изведувачи во кое има и дел посветен на особеностите на јазичниот изговор и во акцентирањето. А книгата на Мисирков е отпечатена дури во декември 1903 година и веднаш блокирана“, вели Милчин.

Професоре Милчин со невидена страст говоревте за посебноста на македонскиот јазик, со таква жестокост се боревте, та мислам дека синилото на ваѓите очи стануваше уште посино, а рацето го потврдуваа кажаното и го засилуваа акцентот.

Професорот Илија Мичин беше интелектуална грамадна личност, за која ве уверувам за никого немаше место освен за Македонскиот јазик. Лавовски се бореше за јазикот и дијалектот, неговите преводи тврдам дека се најдоброто четиво за сите нас.

И таму во стихот каде мислиш нема да изнајде соодветен збор професорот ќе го пронајдеше како чувано дете в пазува.

Неговиот став за Бугарите од Добруџа и од Тракија е дека тие секогаш си зборувале ма бугарски јазик. И што е најважно, нема посебна „добруџанска” или „тракиска” литература, како што до 1934 и многу порано, имало посебна македонска литература.

„Како да го објасниме искажувањето на, далеку пред 1934 година, на рускиот славист Лавров за посебноста на македонскиот јазик или трудовите на француските слависти Андре Мазон и Андре Вајан во кои, врз основа на говорот во Беломорска Македонија, оцениле дека тој јазик не е ни бугарски ни српски,туку е посебен“, не отсетува Илија Милчин во неговите книги.

Мазон и Вајан од 1916 биле офицери на македонскиот фронт и престојувале во Леринско и Воденско. Впрочем и Абецедарот што го отпечатила Грчката влада во 1925 год, е напишан на леринско-битолски говор, но,поради „братските протести и интриги на софиската и белградската влада“, Венизелос не го пуштил да излезе од бункер за да не им послужи на македонските деца.

Пишува Проф. Др. Валентина Божиновска
Поранешен асистент на предметот „Македонски јазик со правоговор“ на кој Илија Милчин го предавал на Факултетот за Драмски Уметности (2000)

SHARE